Нова блокада од грчките земјоделци на преминот Евзони-Богородица со Македонија е се поизвесна како што се интензивираат земјоделските протести. Кон штрајкот и блокадите на земјоделците се очекува од утре да им се приклучат уште повеќе нивни колеги од северна Грција.
Според информациите од грчката информативна агенција „АПЕ“, земјоделците размислуваат да се блокира повремено преминот Евзони на македонско-грчката граница, како и преминот Промахонас кон Бугарија.
Грчките земјоделци исти вакви блокади организираа минатата година и ги блокираа сите гранични премини и автопатите во државата, креирајќи големи проблеми и за туристите и за товарниот превоз од Грција кон Балканот и Европската Унија. Главната одлука дали и кога ќе започнат блокадите се очекува да биде донесена во петок на новиот состанок на земјоделците во Поликастро.
Според информациите, земјоделците од Кукуш, Пела, Пиерија, Халкидики, и останатите делови од северна Грција се подготвени да им се приклучат на протестите и блокадите со кои веќе се блокираат со трактори и земјоделски машини дел од автопатите низ државата.
Земјоделците со овие нови блокади го изразуваат својот револт кон новите мерки за штедење и владината политика со која се укинати некои бенефиции и даночни поволности за земјоделскиот сектор.
Извор и фото: Мета.мк