Цукерберг доби ќеркичка и 99 отсто од акциите на Facebook ги дава во добротворни цели

Основачот и сопственик на најголемата социјална мрежа на светот Facebook, Марк Цукерберг и неговата сопруга Присила Чан, објавија во вторникот дека го добија првото дете – ќеркичка, и дека 99 отсто од своите акции ќе дадат во новата фондација „Chan Zuckerberg Initiative“.

zukerberg

„Ќе дадеме 99 отсто од своите акции во Facebook, чија вредност во моментов изнесува 45 милијарди долари, додека сме живи, за промовирање на иницијативата“, напишаа среќните родители во „Писмото до нашата ќерка Макс“, објавено, каде на друго место ако не на Facebook.

„Додека ти го одбележуваш раѓањето на новото поколение на семејството Чан Цукерберг, ние ја покренуваме Chan Zuckerberg Initiative за да ги собереме луѓето од целиот свет за јакнење и промовирање на еднаквоста меѓу децата од следната генерација“, порачуваат родителите.

На фотографијата со писмото, двојката е со ќеркичката замотана во ќебенце која таткото ја држи в прегратки. Не е објавено кога точно малечкото е родено.

„Во почетокот се насочивме на индивидуализираниот пристап во учењето, искоренувањето на болести, меѓусебното поврзување на луѓето и изградбата на силни општества“, истакнува двојката.

„Свесни сме дека тоа е само мал придонес во споредба со средствата и талентите на оние кои веќе работат на тие прашања. Но сакаме да сториме колку што можеме, соработувајќи со многуте други“, додаваат.

Марк Цукерберг пред раѓањето на ќерката најави дека ќе користи два месеца породилно отсуство. Објавувајќи ја веста за бременоста на сопругата кон крајот на јули, откри на Facebook дека последните години сакале да имаат потомство, но дека сопругата имала три спонтани абортуса.