Да се собереме 1000 луѓе за да се активира dislike button

shoshko3111…Кафето ми го будеше мозокот, додека полека го правев планот за денот. Прво ќе јадам, а после ако не ме мрзи ќе вежбам. Додека чекав да се свари мојот утрински еликсир, мојот мозок конечно се разбуди:
„Што не е во ред со мене? Постои ли вистинско пријателство? Животните одлуки треба да ги донесам лично јас, и никој не смее да одлучува место мене. Животот е еден и единствен и ќе живеам како секој ден да ми е последен. Ќе сакам како да не ми било скршено срцето, ќе играм како никој да не ме гледа и целосно ќе се посветам на остварување на моите цели.“

Додека го пиев кафето се сетив на сите загубени пријателства. Каде се тие луѓе? Што прават во животот? Го отворив фрижидерот и почнав да си правам сендвич. Извадив путер, салама, кашкавал, марула и јогурт. Како добро го декорирав сендвичот, тоа мораше да се најде на Фејсбук. Пред да го изедам, го сликав и ја ставив сликата на мојот профил. 5 лајкови. Супер. Каде застанав…

А да, изгубените пријателства. Жал ми е за некои од тие контакти кои се изгубиле. Пред да почнам да вежбам потрошив повеќе од пола час да ги најдам луѓето од градинка, одделение а некои и од другите класови од средно, со кои не бевме многу блиски, ама сега некако ми дојде желба да ги имам како (виртуелни) пријатели. Некои од нив веднаш ме прифатија.

Вежбав еден час по туторијал за вежбање од Јутуб, секако потоа видеото го постирав на Фејсбук за да можат и моите пријатели да видат како да вежбаат. Нормално не пропуштив прилика да напишам коментар над видеото дека тоа ми се омилените вежби.

Потоа ги отворив дневните весници. Имав мала дилема: Дали да пишам некоја од моите утрински филозофии на статус или пак да ја постирам најударната вест со мое гледање на истата. Решив да ги ставам и едното и другото.

„Господе чувај ме од пријателите, од непријателите ќе се чувам сам“.

Потоа постирав линк од главната вест дента – бензините пак поскапуваат. Ова не е нормално, не можеме да го постигнеме овој финансиски шок. Се разви дебата на мојот линк, нормално јас ги победив сите со моите аргументирани коментари.

Попладнето беше резервирано за мојот диџејски сет, па така „распалив“ со песни кои се „мои“ и на кои дома се трескам од земја, пеам, играм и кои ми го креваат расположението.

Пратив неколку риквести до сите мои пријатели од игрите кои ги играм и овој пат гледам некои почнаа да играат, што значи дека конечно ќе го поминам наредното ниво за кое требаше да поканам минимум 50 пријатели а 25 од нив да почнат да ја играат играта.

Денот го завршив смеејќи се на кул и интересни групи. Лајкнав некои од нив…
…………………………..

Превод:

– Просечен ден на уште попросечен Фејсбук корисник. Станува, прави кафе, мисли која досадна и веќе прочитана мудрост да ја постира на статус (како не би гњавел/а со извадоци од својот живот кои никого не го интересираат, иако шансата за исповед на статус е голема). Научил/а дека таквите мудрости добиваат најмногу лајкови, а многу лајкови водат кон популарност. Многу популарност води кон повеќе пријатели, а повеќе пријатели водат кон какво-такво подобрување на љубовно-социјалниот живот.

Поучени од претходно (што од својот профил, што од тие на пријателите) се слика оброкот, се постира на Фејсбук со задолжително „кој е гладен нека повели“ без разлика што пола пријатели од ФБ живеат на другата страна од градот. (Во хард кор случаите, ако се на плажа ги сликаат стапалата. Не го разбрав овој феномен.)

– Епифанија од сопствената интроспекција го раѓа првиот статус за тој ден, кој не е производ на нивниот ум, туку само испливана меморија од веќе прочитана реченица која треба да те мотивира да успееш во животот и да не се самоубиеш. Нема врска тоа што е веќе милијарда пати чуена и ја губи смислата, лајковите докажуваат спротивно.

– Во меѓувреме наоѓа коментар на слика од некој со кој учеле заедно во основно (во пауза од манијачење по профилите од постоечките пријатели), го отвара профилот од човекот, тарашка, гледа што има да се види и клика send request. Нема врска тоа што едвај си викале здраво на времето, сите што ги знаеш во животот (макар и да си им побарал запалка еднаш) треба и мора да се аднат на Фејсбук, зашто ете така…ќе се најдат. Ако успее да најде уште луѓе од градинка и основно, на сите им праќа френд риквест. Некои од дружељубивите ја прифаќаат поканата (или поради сеир или поради тоа што не им е важно кого сè прифаќаат.)

– Посветено бара пилатес или аеробик видеа, ги постира на Фејсбук со коментар дека се „јаки“ и дека „газат“ и дека ефектот е „ненормален“.

– Постирање на сите можни линкови од дневни весници со личен осврт и критика на веста, стручно мислење и детална анализа со економско-политичката состојба во земјава и странство. Развиена дебата на која нема соодветни одговори ама мисли дека со интелигенција и аргументи ги победил/а сите.

– Диџејскиот сет подразбира гуглање на панк/рок/ретро песни, учење на кратка биографија за изведувачот и постирање на најпозната песна од него. Коментар-мојата омилена“. Превод – нема поим, не ја знае песната, можеби ја има слушнато некаде и го памти само рефренот (односно го памти текстот по слух, нешто како Бугарката со „Кен ли“). Сепак срамота е да постира некоја од неговите/нејзините вистински омилени песни, зашто има каква таква репутација на ФБ.

На крајот, по повеќемесечно замарање, некој од 800те пријатели ќе се излаже да почне да ја игра играта која им ја праќа упорно. Конечно нова жртва која придонесува во ширење на „болеста“.

Cheri on top – лајкнува група „Сакам да се воведе дислајк“.

Дали ти тоа сериозно?

 

К. Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.