Грешки при перењето на фармерките

За да останат вашите омилени фармерки подолго време како нови, избегнете ги грешките кои можат да им ги уништат бојата или ткаенината.

farmerki

1. Не ги превртувате

Без разлика кој циклус ќе го изберете, перењето и сушењето е штетно за бојата. За да се сочува бојата што подолго и помалку да се испира, превртете ги фармерките наопаку пред да ги ставите на перење или на сушење. Исто така, закопчајте ги сите копчиња и патенти.

2. Ставате премногу облека во машината

Што повеќе облека ставите во машината, со перењето ќе бидете побрзо готови, но и побрзо ќе опадне бојата на вашите фармерки. Без простор за движење, затворачите и нитните можат да се расипат, а рабовите да испукаат. Облеката треба да кружи и да се превртува слободно, за да може подобро да се испере и да се исуши.

3. Избирате погрешен циклус

Ако сакате фармерките што подолго да изгледаат како нови треба да изберете што понежен циклус на перење и сушење. Рачното перење и сушење на воздухот се најпожелни, но секако не и во заштедата на време и на труд. Освен ако фармерките не ви се многу нечисти, најдобро е да ги перете во ладна вода. изберете некој од понежните циклуси и смалете ја температурата на минимум.

4. Не користите детергент за облека во боја

Посебните детергенти за потемна облека навистина дејствуваат. Имаат состојки кои ја задржуваат бојата и го деактивираат хлорот во водата, кој може уште повеќе да ги избели. Ако сакате да ја задржите што потемна бојата на фармерките, се исплатува да вложувате во такви детергенти.

5. Предолго ги оставате во машината за сушење

Ако предолго се остават во машината за сушење, ткаенината ќе се собере и ќе се „испече“. Сите ткаенини, а особено тексас-платното, пожелно е да ги извадите од  машината додека сè уште се влажни. Едноставно израмнете ги и оставете ги до крајот да се исушат на воздух. Ако и по перењето и сушењето на ниски температури забележите остатоци од боја на филтерот, тогаш најдобро е во иднина да ја избегнувате машината за сушење алишта.