Хелсиншки комитет: Сторен е огромен пропуст во преземањето на превентивни мерки за заштита

Хелсиншкиот комитет смета дека е сторен огромен пропуст во преземањето на превентивните мерки за заштита, како и во начинот на справување со елементарната непогода што го погоди подрачјето на градот Скопје.

helsinski

„Надлежните државни органи, не ги преземале законски определените превентивни мерки. Процената на загрозеност од природни непогоди е застарена и не соодвествува со реалната фактичка состојба, никакво предупредување не беше упатено до граѓаните да се подготват за силното невреме, одводните канали и голем дел на канализациската мрежа не биле исчистени, а ниту пак биле изградени заштитни објекти“, стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Од таму велат дека органите на државните управи континуирано покажуваат дека не само што немаат капацитети да се справаат со оваа криза, туку и постапуваат спротивно на позитивните законски прописи.

„Ваквото постапување на органите на државната управа по настаната поплава и непреземањето на превентивните мерки за заштита, се директни виновници за црниот биланс на жртвите настрадани во оваа катастрофална поплава. Во овие моменти е најзначајно да се обезбеди помош и заштита на жртвите од поплавата, но Комитетот очекува надлежните институции во најкус можен рок да ги преземат потребните мерки за утврдување на одговорност кај надлежните институции и лицата кои придонесоа за потфрлањето на системот за превенција и заштита од поплави“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.