Истражители на СЈО проверуваат дали Талески од куќен притвор потпишува документи

Тројца истражители на Специјалното јавно обвинителство утрово пристигнале во Општина Битола, каде како што дознаваме, треба да извршат увид во врска со спроведувањето на куќниот притвор врз градоначалникот Владимир Талески.

Vladimir-Taleski-pred-SJO-860x680

Од Специјалното јавно обвинителство за „Мета“ потврдуваат дека нивните истражители се во Општината.

Оттаму велат дека тие се таму за да проверат дали евентуално има пропусти во спроведувањето на куќниот притвор, односно дали Талески потпишува документи и презема службени дејствија додека го издржува притворот.

Неофицијално, доколку истражителите на СЈО утврдат дека има пропусти во спроведувањето на мерката, можно е да биде побарана промена на куќниот притвор со построга мерка за обезбедување на присуство.

Од СЈО засега не сакаат да коментираат какви мерки ќе преземат или ќе предложат доколку се констатираат пропусти.

Специјалното јавно обвинителство ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.

Инаку, Талески е во куќен притвор од 20 јуни, кога битолската полиција почна да ја спроведува мерката, што судија на претходна постапка му ја изрече на битолскиот градоначалник четири дена претходно.