Колку чини вашето достоинство?

mitkoВо последниве денови тема насекаде е каде на одмор. Се кројат планови, се бројат пари, се бараат луѓе и така се со ред. Значи, многу пари се нема, па затоа сите гледаат да одат на одмор некаде поблиску и да поминат поефтино. Toa поблиску би било Грција. Слушам како луѓето се подготвуваат за одмор на „наше море“.Со цел да се оправдаат зошто одат на одмор таму моите блиски,  пријатели и познаници се трудат да објаснуваат зошто решиле да одат таму на одмор. Ви кажувам јавно – пред мене не мора да објаснувате. Ваша си е одлуката што ќе правите со вас и со вашата совест. Јас можам да кажам само за мене – НЕМА ДА ОДАМ. Но тоа сум јас и тоа го правам од мои лични патриотски причини. Во прилог на ова мое тврдење,став или било како наречете го би сакал да дадам неколку примери а ги има многу:

-Не сакам да се понижувам на граница каде не се знае што ќе им текне на грчките цариници

-Не сакам тешко спечалените пари да им ги давам на нив

-Не сакам да ме нарекуваат „ФИРОМАНЕЦ“ , „Манкидонијанец“ или „Скопијанец

-Не сакам да ми лепат трака на која пишува ФИРОМ која е еднинствено такво нешто во целиот свет, и што е најинтересно вие самите го правите тоа. Како за потсетување Хитлер така им правел на Евреите со Давидовата ѕвезда за да може да ги обележи. Само што во нашиот случај тоа се прави на стаклата на автомобилите или на регистрациите за да може цела Грција да види од каде доаѓате.  Е сега зошто и покрај целата оваа негаторска политика ние одиме во земјата каде што не можеме да бидеме тоа што сакаме да бидеме, обележани сме, не негираат и не кочат во секој можен поглед. Имаме објаснување и за тоа. Власта и политичарите се криви, но  народот не сака, ги сакаат и туристите кои одат таму !!! Како за потсетување во моментот кога Македонија прогласи независност на плоштадот во Солун излегоа 2 милиона луѓе на протести против нашето осамостојување. Парадата од 2009 година каде беа извикувани фашистички провокации и кршењето на автомобилите на македонските туристи. Па нели ги сакаат туристите и се љубезни спрема нив, зошто тоа го прават. И покрај сите овие работи се поставува прашањето каде ни се моралните норми, достоинството, чуството за припадност и пред се гордоста. Одоговорот е прост. Немаме ни морални норми немаме ни гордост, немаме ни чуство за припадност. На нас ни е битно да си легнеме на плажа, четири во вис и да не се замараме со ” политки, со патриотизам ” битно сме си на одмор и ќе си уживаме, ние сме си туристи. Интересно е што туризмот е втора стапка во грчкиот буџет за , а од истиот буџет огромни средства се користат за антимакедонската кампања кој и покрај кризата никако да престане. Со реакција излезе и Даниел Сервер угледен американски аналитичар кој предложи како контра-мерка Македонија да воведе налепница: “Јас сум Грк и доаѓам во земја која не ја признавам”.

Секое лето во Грција одат преку 30 илјади Македонци може и повеќе.Овој тренд никако да се намали. Па дури и за време на војната 2001 година кога можеби се решаваше судбината на оваа држава ние имавме ајвар-туризам во соседството. Од година на година овој број се зголемува дури има и некои податоци дека дневно одат до 2000 Македонци во Грција. Тоа е онаа  Грција која нас не понижува, истата таа Грција која ни ги блокира Евро-атланските интеграциите која ни ги крши колите и воопшто не не сметаат како луѓе, и ние одиме и ги трошиме нашите пари таму. Иронично нели ??? Како за компарација тоа тие исто како да одиш на кафе кај твојот комшија кој цело време те тепа, те малтретира, се изживува врз тебе, ама ти пак сакаш да одиш кај него.  Македонскиот режисер Дарко Митревски во една од неговите колумни напиша: “Кога некој ќе ги навредува Македонците, Македонија, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската култура, македонската самобитност или, пак, што било македонско – јас тоа не го доживувам како национална навреда. Напротив, го доживувам како лична навреда”. Така и ние сите треба да се чуствуваме но за жал сме многу далеку од ова.

Како контра одговор многу пати луѓето имаат кажано а што со Бугарија. Нели и тие се исти со Грците Епа тоа е. Борбата за национално единство е тешка и макотрпна работа, а ние полека ја губиме таа борба. Македонија отсекогаш била сфера на интерес помеѓу појаките балкански држави, плус мали сме во споредба со нив, економски и финансиски. Да точно е тоа дека бугарите секогаш кога ќе се спомене Македонија им трепери срцето, но сепак за волја на вистината тие се помеѓу првите земји што не признаа под уставното име и било кој политичар кога ќе дојде на власт е многу умерен и претпазлив во коментарите во врска со Македонија. Е сега точно е дека за неколку години ќе може да бараат бугарство малцинство во Македонија и тоа на некој начин ќе биде легитимно право со оглед дека во Македонија се претпоставува дека има приближно некои 20-30 илјади бугарски пасоши. Ама за тоа не ни е крив никој.

Македонија не е Грција, Бугарија или Србија.  И тоа е убавината на оваа земја. Политиката кај Македонците има влијание, но сепак, човечноста, попустливоста и простувањето се на преден план. Нашата убавина е во тоа што сме различни. Нашето православие не е фундаменталистичко и исклучиво како грчкото или српското. Нашите врски со антиката се многу посуптилни и поинтерферирачки со сите напластени културни слоеви, што лутаат низ просториве. Македонија не живее под моноетнички терор или под конфесионални притисоци . Македонија е мешавина на разни народи  и толеранција. Реална Европа.  Мулти-културализам во пракса. Но и покрај сите овие работи македонскиот народ се уништува самиот себе и тоа систематски.  Секогаш сме си пателе од самите себе. Патриотизмот не треба да се збори туку треба да се докажува. И тоа е континуиран процес, не застанува. Патриотизмот подразбира ставови како: гордост за достигнувањата и културата, желбата за зачувување на карактерот и основата на културата и себепронаоѓање со другите членови на нацијата. Патриотизмот има етичка конотација: кажува дека татковината (било како и да се дефинира тој поим) е морален стандард или самиот е морална вредност. Патриотизмот исто така кажува дека поединецот треба да ги стави интересите на нацијата пред личните интереси или интересите на одредена група или партија. Како краен стадиум за време на војна, жртвата може да прерасне и до пожртвување на сопствениот живот. Смрт во битка за татковината е коренит тип на краен патриотизам.

Некаде прочитав дека одењето во Грција на одмор го изедначуваат со садомазохизам. Садомазохизам е психолошка одлика на Македонци кои одат на одмор во Грција во вакви околности! Интересно е за садомазохистите е што тие не се откажуваат од својата болка затоа и јас не очекувам дека садомазохистите од Македонија ќе се откажат од „пријатните“ грчки плажи, каде што гостопримливите домаќини ќе ги нагостат „скопјаните“ со многу понизни појадоци, ручеци и вечери во кои нашите ФИРОМ-јани и Скопјани ќе се чувствуваат пријатно…. со свиткана кичма нели! Садомазохизмот етички е во ред се додека и двајцата учесници се задоволни од своите улоги. Па додека ние сме задоволни од улогата на мазохисти, а Грците очигледно уживаат да бидат садисти, нема ни причина, а ниту повод да запре овој процес. За крај запрашајте се колку чини вашето достоинство кога се работи за Македонија.

 

Митко Сланинкоски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.