Колумна: Младите во Македонија – перспективата наречена желба

a_spasovИзминатите месеци имавме интензивна дискусија за младинската небработеност, за емиграцијата, празнењето на цели делови од  Македонија, катастрофалната демографска слика и конечно перспективата на нашето општество соочено со овие негативни трендови. Свесен за исходот на многу дебати кај нас, намерно не се вклучив поинтензивно во претходниот период. Овој пат, сакав да проверам, дали сме напреднале барем малку кога разговараме за општествените проблеми и предлагаме јавни политики, но, за жал, инстинктот не ме излажа. Климаксот на дебатата го одбележува бесмислена дискусија за повеќедетни семејства, кои за повеќе деца се одлучуваат единствено како добри верници (протагонистите на овие идеи мислат, пред се, на христијани) следејќи ги т.н. традиционални вредности и надевајќи се дека како и нашите предци во минатото, со многу надеж и малку конкретни чекори, децата ќе обезбедат пристојна иднина за себе и своите поколенија. Таквите „Титаник“ идеи, освен што се добар мелем на отворена рана, ниту ги решавале, ниту ќе ги решат проблемите.  За остатокот, да ги наречеме реалистите, останува да се сецира проблемот, да се соочи со реалноста и да се предложат среднорочни и долгорочни мерки (оти краткорочните немаат ефект освен уметничкиот впечаток односно „лелек“).

Нејсе, од каде тргна дебатата? Магазинот „Капитал“ објави фрапантна бројка, за која патем сите бевме свесни, ама ете не шокираше, дека во последните 15 години околу 450000 граѓани се отселиле од Македонија. Логично, се работи пред се млади луѓе, во фертилна фаза од својот живот (што значи со себе ги земале и оние кои не ги броиме, а тоа се неродените деца) и луѓе кои се или се ближат кон врвот на економската продуктивност.  Да биде лошата вест комплетна, иселувањето е од целата територија на Македонија, но е многу интензивирано од источна Македонија, што имајќи ја во предвид етничката композиција, создава етнички промени на централно ниво, и само ќе ги зајакне етничките конфликти. Подоцна како шпекулации се појавија и „црни статитистики“ и тоа на пример за Виница која поради масовната имиграција кон Италија се намалила од 11000 на 7 илјади жители за само десет години. Таквиот процес, демографите го означија како школски пример за изумирање на населено место. На овие бројки се налепија многу анализи. Иако меѓу последните, сакам да ги сумирам можните последици и да предложам одредени мерки кои ќе го ублажат проблемот, а на долг рок можеби и ќе придонесат кон негово решавање.

Демографските промени можат да доведат до влошување или до обновување на следните општествени проблеми:

1.    Социоекономскиот развој директно зависи од човечкиот потенцијал (или капитал, сеедно). Иселувањето на младото и работоспособно население, или одењето на „привремена работа во странство“ ќе доведе до зголемување на невработеноста, а не до нејзино намалување на подолг рок. Краткорочно овие луѓе ќе бидат избришани од евиденцијата на невработени (што кај нас и се случува), а нивните парични трансфери ќе ја помагаат националната и локалната економија (вклучително и расклатениот пензиски фонд). Долгорочно, немањето работоспособно и квалификувано население, ќе ги одврати можните инвеститори од вложувања, ќе ги направи инфраструктурните вложувања неисплатливи, а се тоа ќе ги загрози и уништи работните места и на оние кои сега работат (мал дел во индустријата, а голем дел во администрацијата). Особено голем дел од администрација, вклучувајќи ја просветата и здравството, ќе станат вишок. Тоа повторно ќе доведе до невработеност, социјални трагедии и конечно замирање на овие краишта.

2.    Иселувањето на работоспособното население, освен што финансиски го загрозува пензинскиот систем, дополнително ја отежнува и го смалува квалитетот на грижата за старите лица. Свесни дека, во нашето сеуште традиционално општество, грижата за старите лица е претежно семејна традиција и обврска, а во отсуство на развиена социјална инфраструктура за грижа за стари лица, старите лица се во опасност да останат сами и незаштитетни, односно животот да го завршат во мизерни услови. Слабиот прилив во социјалните фондови ќе ги направи вложувањата во негата на стари лица уште поскапи и уште понеисплатливи.

3.    Масовното иселување на дел од Македонија со одредена етничка структура ќе го наруши демографскиот баланс. Знаејќи дека целиот институционален механизам за одржување на етничкиот и религиозниот мир во македонското мултиетничко општество се базира брз бројчан баланс, оваа состојба може да доведе до нови конфликти и долготрајна нестабилност. Да ја позајмам десната реторика, иселувањето ќе доведе до загрозување на самиот опстанок на Македонија и македонскиот народ во неа.

Соочени со негативните трендови, се поставува логичното прашање, што можеме да сториме. Основната претпоставка од која мораме да тргнеме е дека за овој проблем нема краткорочни решенија, дека најчесто решенијата можат да го ублажат и успорат трендот, а многу ретко да го запрат или целосно да го променат кон позитивно, и дека празните повици за раѓање деца и повикувањето на емоции, освен што е траги-комично, нема никаков ефект.

Значи:

1.    Децентрализацијата треба да се насочи кон поттикнувањето на локалниот економски развој. Општините сами не можат да создаваат индустрија, иако тоа во одреден период не е исклучено, туку можат да ги искористат локалните приходи за реални инфратсруктурни инвестиции. Инфраструктурата е најважен услов за индустриски инвестиции. Во рамките на градењето на општинските капацитети спаѓаат и ефикасноста на институциите и нивната соработка со инвеститорите и мерките за намалување на корупцијата. При тоа еднакво треба да се третират и домашните и странските инвеститори, а особено да се поттикнува локалното претприемништво. Освен првите, потребни се инвестиции во социјалната благосостојба (здравство, грижа за децата, грижа за стари лица, активна социјална заштита).

2.    Многу важен фактор е и поврзувањето на општините во рамките на политиките за рамномерен регионален развој. Централната власт треба обилно, а особено не под минимумот, да го финансира регионалниот развој. Средствата од регионалниот развој треба да се користат за инвестиции кои носат економски поврат, а не единствено за излетнички места, спортски објекти и споменици како што е тоа сега случај. Општините треба регионално да се поврзуваат и да ги здружуваат општинските услуги, ако сакаат да го зголемат својот капицитет и да преживеат некоја идна нова општинска поделба (особено оние кои постојат повеќе од политички и традиционални причини, а без економска оправданост).

3.    Инвестирањето не е цел сама за себе. Општините во соработка со централната власт треба да изградат нормативна рамка и институционален механизам за обезбедување на почитувањето на работничките права. Состојба на квазиробовска или феудална економија каде имаме злоупотреба на трудот како во голем број од текстилните фабрики, рудниците или угостителството, создава енормен профит за работодавците, корупциска добивка за власта и мизерија за работниците. Младите, особено квалификуваните работници, не се иселуваат заради било каква работа (која ја има и во нивните места) туку за подобра работа и пред се за квалитетен живот. Докажано е дека оние земји кои обезбедуваат повисока социјална заштита која е истовремено и активна, полесно ја преживеаа кризата и повторно имаат економски раст.

4.    Колку и да звучи како веќе кажано, но стабилен економски раст и социјална благосостојба за нашиот народ надвор од ЕУ, за жал или среќа, е нереален проект. Мали економии со производство со мала додадена вредност и слаба конкурентност, со повеќедецениска недемократска политичка пракса, и слаба социјална заштита, имаат многу малку шанси да опстојат надвор од интеграциските процеси. Конечно, самиот факт дека сте и граѓанин и на ЕУ со можност за работа во Унијата, го намалува и психолошкиот притисок кај младите, а и желбата, по секоја цена, да се емигрира.
Нам ни е потребна многу посериозна дебата од сегашнава. А, освен дебата ни требаат и одговорни политичари и општествени визионери. Оти, Македонија е се што имаме, како што еднаш мудро истакна нашиот прв претседател!

 

м-р Александар Љ. Спасов

Ставовите изнесени во краткиот есеј се лични ставови на авторот и на никој начин не го претставуваат ставот на организациите во кои е професионално ангажиран!

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.