Колумна на Илчо Ѓорѓиоски – Претседател на ФФМ

Фудбалот е волшебна работа, која обединува, исполнува и не прави среќни. Ниеден друг спорт ја нема неговата популарност. Тој е најважната споредна работа на светот. Токму и поради тоа очекувањата се многу големи. Македонија е поднебје со голема фудбалска традиција, со големи успеси, и со народ кој го обожува фудбалот.

UEFA Football Committee

Постарите генерации со страст ги прераскажуваат фудбалските приказни од минатото, кога трибините биле полни, кога силно и спортски се навивало, кога не постоело вандализам или омраза кон противниците. Бодрењето и овациите од публиката биле главниот мотив на фудбалерите да дадат се од себе. Не се играло за пари!

Денес многу работи се променети. Ја изгубивме публиката, атмосферата, но и силната волја и страст за фудбал. А токму тоа е она што треба да се промени. Немам илузија дека преку ноќ може да се сменат работите и веднаш да  се врати целосната доверба во македонскиот фудбал. Инстант успех нема, постои само планска и долгорочна работа. Работа на секој поединец вклучен во фудбалот, независно дали е фудбалер, тренер или координатор, судија итн.

Но за успех треба сите да ги засукаме ракавите, добро да се испотиме и никогаш да не се откажуваме. Не е доволно еден натпревар да се добие, потребен е континиитет. Македонската фудбалска репрезентација во своите настапи сите овие години нема одиграно со позитивен резултат два последователни натпревари. Ке победиме еден, веднаш летаме во звезди, се опуштаме, и веќе вториот натпревар го губиме. Во спортот не треба да има опуштање, награди секако, но не и опуштање.  По секоја победа треба уште понапорно да се тренира, да се работи на подобрување на физичката подготвеност, на техничко, тактички план. Па видете, ние немаме играчи кои можат да издржат 90 минути со иста енергија. Непоимливо е спортист, професионалец, кој сака да го има епитетот врвен спортист, да не биде дисциплиниран. Да излегува касно навечер по кафулиња, да не работи максимално на тренинг, да му недостига страст за победа. Никој репрезентативец не игра за ФФМ, за неговиот председател или за секретарот, играат за Македонија, за себе. За својата гордост, чест и достоинство. Каде е патриотизмот, каде е поддршката од јавноста од публиката на самиот терен. Тоа е она што во моментов не ни се допаѓа! Резултатите од минатите циклуси се забораваат, останува желбата, чувството да се оди напред…

034Фудбалската Федерација на Македонија ги создава условите, кои треба да поттикнат позитивни работи во фудбалот. Таа се грижи како за репрезентативниот фудбал, така и за домашната лига, женскиот фудбал, футсал натпреварувањето, младинската лига, судискиот дел, правилниците и законите кои го регулираат фудбалот итн… ФФМ има голема одговорност во многу фудбалски сегменти, иако нејзиниот имиџ повеќето луѓе го поврзуваат само со репрезентативните настапи.  Ние и во тој поглед не бегаме од одговорност, мислиме дека ги донесуваме вистинските одлуки, создавајќи добра основа за долг рок.

ФФМ се реформира. Тоа е очигледно, и последнава година тоа и се случува.Го прекинавме куп натпреварот Шкендија-Тетекст поради националистичи испади, значително го намаливме вандализмот и национализмот на фудбалските стадиони, донесовме и доследно ја спроведуваме стартегијата за 100% фудбал, веќе нема местење натпревари, нема тепање судии, сето тоа остро се казнува. Создадовме услови за влез на инвестиции во клубовите, и тој процес веќе се случува.. очекувам за некоја година на имаме професионални и квалитетни спортски колективи, кои ќе имаат успех и во меѓународните натпревари…. Правиме се што е во нашите можности, за во еден краток период да поправиме нешто што со години се уништувало. Денес ФФМ работи професионално, транспарентно и отворено, во интерес на долгорочните интереси на македонскиот фудбал.

Изготвивме национална стратегија за развој на младинскиот фудбал, која е ставена на располагање на сите клубови, и доколку оваа стратегија се спроведува доследно од страна на клубовите сигурен сум дека ќе имаме успех како во младинскиот,клубскиот, така и во репрезентативниот фудбал. Таа е веќе имплементирана, обезбедена е инфраструктура, опрема, вклучени се клубовите и голем фудбалски кадар. Резултат од сето тоа се преку 200 екипи кои се натпреваруваат во детската лига и преку петилјади деца кои тренираат фудбал. Инфраструктурното подобрување е можеби клучно во работата на федерацијата.Фудбалот во Македонија конечно доби „кров над глава“ на што сме особено горди. Националните селекции и фудбалските работници точно знаат какво е значењето и важноста на комплексот „Куќа на фудбалот“.

Во соработка со меѓународните фудбалски институции и со локалната самоуправа градиме десет терени со вештачка трева кои се од исклучително значење за клубовите низ државата. Од 1 март 2014 година секој стадион на кој ќе се игра прволигашки фудбал нема да добие дозвола од комисијата за лиценцирање доколку не ги исполнува условите предвидени од лиценцната комисија.  Сето тоа се активности во насока на развојот на фудбалот.

Многу од промените пошироката јавност сеуште не ги чувствува, но ние сме одговорни и искрени во нашите намери да создавеме иднина. Потребен епатриотизам, самодоверба и дисциплина и конечно да имаме резултати со кои ќе се гордееме.