Краток есеј: Титовото наследство – revised

a_spasovДа беше жив, Јосип Броз Тито денеска службено ќе наполнеше 120 години! Дваесет и петти мај беше прославуван како „Ден на младоста“ во поранешна Југославија. Штафетата на младоста и пионерскот повик „За татковината со Тито, напред“ се слушаше од Вардар до Триглав во некогашната федерација. Илјадници поранешни Титови пионери до денеска со чувство на носталгија се сеќаваат на спортските слетови, заедничкте дружења и пред се, уверувањето дека „од бокалот полн со слобода се точи единствено за нив“ (Балашевиќ).

Маршалот Јосип Броз Тито или другарот Тито меѓу соборците, беше водач на Народно-ослободителната војна, херој на антифашизмот, Маршал на Југославија, генерален секретар на Сојузот на комунистите на Југославија, доживотен претседател на СФРЈ, лидер и прв секретар на „Движењето на неврзаните“ и еден од најзначајните државници во светот во 20 век. Роден е на 7 мај 1892 во Кумровец (Хрватско Загорје) од татко Хрват и мајка Словенка. Иако роден на 7 мај, неговиот роденден службено се прославуваше токму на 25 мај бидејќи тоа е денот на големиот „Десант на Дрвар“ нареден и спроведен од нацистичките војски на територијата на Југославија за време на Втората Светска Војна. Со големо лукаство и помош од соборците, Тито успешно се извлекува од опколениот Дрвар (БиХ), па затоа целиот негов живот тој ден го сметал за свој вистински роденден.

Титовата политичка дејност ја одбележуваат два клучни животни проекти: Создавањето и управувањето со Југословенската федерација и создавањето и раководењето со „Движењето на неврзаните“. Преку Југославија се исправија многу историски неправди кои ги трпеа јужнословенските народи, а пред се: Враќањето на Истра и приморјето кон Хрватска и Словенија, значајното место на Србија меѓу Јужните Словени со оглед на бројноста и херојската војничка историја, национална еманципација и создавање на национални држави за Македонците, Црногорците и Бошњаците и културна и политичка автономија за Албанците и Унгарците во Косово и Војводина. Но, најзначајна од се е социјалната еманципација на југословенските народи и проектот за изградба на социјално праведно и хумано општество и економија.

Со помош на „Движењето на неврзаните“ десетици народи од т.н. трет свет доживеаа цивилизациска еманципација, меѓународно признавање и влијание во меѓународните односи. Во однос на Западот, Маршалот ги спречи Сталин и советските болшевици да продрат во срцето на Европа, одлучно раскинувајќи со советскиот комунизам и трасирајќи го т.н. Југословенски пат во социјализам (системот на работничкото самоуправување).

Негов најголем недостаток е отсуството на политичка волја за конечна демократизација на земјата, особено во седумдесетите години, преминување кон социјално пазарно стопанство и приклучување на Југославија кон институциите на Западниот свет (пред се Европската економска заедница). Се разбира и суровото пресметување со противниците на системот, особено непосредно по Војната е исклучително контроверзна и негативна политичка пракса.

Во секој случај, делото на Маршалот Тито остави неизбришлива трага во современата историја и го оствари вековниот сон за единство на Јужните Словени кој се раѓа уште во 19 век особено во дејноста на бускупот Јосип Јурај Штросмајер. Суровите напади и едностраните критики кон Тито и неговото дело денеска доаѓаат од радикално десничарските, националистички и неофашистички кругови во сите земји од поранешна Југославија. Негови најголеми критичари се токму потомците на најсуровите комунисти и болшевици во поранешната партија кои болшевизмот го заменија со деструктивен национализам. Таа иронија на историјата, за среќа, е преслаба да ја засени големата идеја за братството на Јужните Словени промовирана и спроведена токму од Тито за време на, можеби, најромантичниот дел од нашата историја во 20 век.

Маршалот Тито почина на 4 мај 1980 г. во Љубљана (Словенија), а неговиот гроб се наоѓа во Мавзолејот „Куќа на цвеќето“ во Белград (Србија) во рамките на комплексот „Музеј на Југославија“. На неговиот погреб присуствувале десетици крунисани глави, државници, премиери и министри и претставува најголем собир од ваков формат по повод погреб на еден државник кој историјата го памети до денешни дни.

 

м-р. Александар Спасов

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.