Македонската друштвена игра Cavern Tavern успешно финансирана на Kickstarter за помалку од 30 часа

Друштвената игра Cavern Tavern, дизајнирана од Final Frontier Games – македонски тим на дизајнери, на 20 Април беше поставена на светски познатата интернет платформа за групно финансирање Kickstarter.com. За неполни 30 часа, играта го постигна посакуваниот праг од 18.000$ за да се вброи во групата успешно финансирани проекти, а до крајот на кампањата остануваат уште 28 дена.

Box&Game

Cavern Tavern спаѓа во групатa worker (dice) placement друштвена игра на табла, составена од многу коцки, ресурси и картички, со комплексна механика, а истата можат да ја играат од 2 до 5 играчи. Темата на играта е таверна сместена во замислен свет, скриена во ридовите на Strongcliff, а  управувана од лошиот газда Nasty the Dwarf. Задачата на секој од играчите е да послужи пијалоци, да зготви нешто вкусно во кујната, да ја одржува таверната чиста и уредна, а згора на сѐ и да се обидат да ги задржат среќни гостите кои доаѓаат од разни страни на  Северното Кралство.

Како што велат од тимот на Final Frontier Games, целиот процес траел околу 10 месеци, од основна идеја и приказна, преку графички дизајн, плејтестинг, промени и усовршувања, до конечно поставување на Kickstarter. Засега играта е на англиски јазик, но не ја исклучуваат можноста, доколку се соберат доволно средства, играта да се појави на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски.

Артот и илустрациите во играта се дело нанајпознатиот македонски стрип-цртач, Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој зад себе веќе има илјадници цртежи за друштвени игри од целиот свет. Сега за прв пат тоа го направи и за македонска друштвена игра.

cards

Голема благодарност се упатува и до екипата на Гоблин Друштвени игри за сета вложена енергија во промоција на Cavern Tavern на ниво на Македонија, за отстапените простории и организирање на ивенти за тестирање, како и за сите критики и препораки за подобрување на механиката на играта.

Четворицата млади македонски дизајнери за својот прв интернационален проект ќе кажат:

„Секој креатор знае колкав е стресот и притисокот, кога нешто што си создал го изложуваш на јавна критика, и згора на тоа ја повикуваш заедницата да ја финансира твојата идеја за да може да го види светлото на денот. Но, трудот, маката и непроспиените ноќи вредеа. Проектот не само што наиде на одличен одзив кај гејминг заедницата ширум светот, туку успеа и да ги собере потребните средства за само еден ден откако беше поставен на Кикстартер. Чувството е неописливо! Ни во најлудите соништа не очекувавме ваков старт на кампањата“, вели Војкан Крстевски,  дизајнер на Cavern Tavern.

„Дизајнирањето друштвена игра е креативен, но во исто време и стресен процес, кој бара целосна посветеност и координација на тимот, подготвеност да се слушне критиката и да се преземе ризик. Ние цврсто верувавме во нашата идеја, но во исто време беше присутен и стравот како светот и гејминг заедницата ќе ја прифати и како ќе реагира на истата. Не ни паѓаше на памет дека играта ќе успее за помалку од 30 часа. Денес чувствата ни се измешани, возбуда и неверување, но пред нас е уште многу работа за да ја оправдаме довербата на околу 400 луѓекои досега го поддржа проектот. Неизмерно сме им благодарни на сите кои низ целиот овој подготвителен период не поддржуваа и ни пренесуваа убава енергија“, ќе каже Ивана Станковска, дизајнер.

„Чувството кога реализацијата на нешто на кое сме работеле со месеци, ќе ги надмине и најпозитивните очекувања уште првиот ден, дефинитивно е нешто непроценливо и искрено, се уште нереално за мене! Уште од самиот почеток на целиов процес, знаевме дека клучен момент ќе биде да го пребродиме стравот и да се отвориме за сите сугестии и критики, но веројатно се уште не бевме свесни дека ќе ја добиеме огромната поддршка која ни ја даде најголемата мотивација за да ја склопиме идејата во нешто во кое сега сме среќни што многумина ќе уживаат“, вели Маја Матовска, дизајнер и веб девелопер.

„Сите од тимот го делиме истото мислење дека главна мотивација уште од самиот старт на креирањена Cavern Tavern ни беше поддршката која ја добивме од гејминг заедницата во Македонија, а кога гледаме дека поддршката сега доаѓа и од светско ниво, моментот дека ги надминавме ситеочекувања за самиот старт на кампањата е сеуште прилично нереален за нас“, заклучува Тони Тошевски, дизајнер.

main_board

До сега е финансирана само основната верзија, а со секоја дополнителна донација се зголемува можноста за подобрување и усложнување на играта. Затоа секоја поддршка е повеќе од добредојдена.

Проектот може да го погледнете и поддржите на следниот линк.

Момците и девојките од Final Frontier Games ги охрабруваат сите дизајнери и креативци од Македонија да преземат ризик, затоа што, како што велат, само така може да успее идејата.

logo