Македонскиот патриотизам

shoshko3111-Телевизиски патриотизам – гледање исклучиво телевизии кои пуштаат стари Македонски филмови, историски патописни репортажи за земјава, снимки од тинејџерските години на Васка Илиева, а место реклами – пет минути веење на знамето.

– Одморски патриотизам – плукање на сè што се движи а се дрзнало да оди по комшии на одмор. Ова важи и за птици, животни и инсекти кои сличајно или намерно ќе поминат граница.

– Антички патриотизам – поклонување пред нови и стари скулптури, вазни, грниња, мозаици пронајдени на археолошки локалитети или набрзинка направени за украсување на урбани површини.

– Анти-антички патриотизам – мочање, плукање, мрчење за сè горенаведено.

– Патриотизам само за време на победи – овде само спортски победи ќе споменам, зашто Евровизија веројатно во овој век нема да ја видиме. Се јавува и во форма на воздигнување до небо на нацијата, државата и властодржците поради успехот на спортистите. Ваквиот патриотизам го почитувам само ако е во континуитет и ако се однесува исклучиво на спортот поврзан со државата, а не со оние кои ја водат.

– Националистички патриотизам – Сонцето тоа сме ние! После нас потоп! Сина Македонска крв!

– Политички патриотизам – ова малку се губи во преводот, пет партии во земјава не ја направија историјата, а се одговорни за мутираните видови патриотизам споменати погоре.

– Паричен патриотизам – не е поврзан со националноста според раѓање или според местото на живеење, а во 100% од случаите зависи од бојата, бројката и квантитетот на хартиените средства кои живот значат. Најчесто добро го зае*ува чистиот, неизвалкан патриотизам.

– Фејсбук/Твитер патриотизам – подразбира замарање на 200-400 луѓе, кои без вина мораат да читаат препукување на статус, видео, постирање родољубиви песни или фотографии. Ако зачести, значи во ек е изборна кампања, спортски натпревари или Евровизија. Евентуално Илинден или Денот на Независноста.

Да не се разбереме погрешно, јас ја сакам земјава, но не ги сакам тие кои сакаат да ме убедат дека ја сакаат повеќе од мене, китејќи се горенапишаните видови патриотизам.

K.Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.