Укинување на царината и прелевманот за замрзнато свинско месо кое македонските компании го користат за производство на месни преработки, побара денеска Групацијата за производство на месо и преработки од месо.
„Кај нас, преработувачите по различни основи се оптоварени со 19 до 35 отсто при узвоз на истата суровина. Оттука, не само што не се конкурентни, туку се отвора можност и за дополнителен зголемен увоз на преработки пред се од соседството. Од 1 јануари 2017 е укината царината за увоз на замрзнато свинско месо во соседството и тамошните преработувачи плаќаат само девет отсто за увоз на оваа суровина“, изјави Васко Ристовски од Стопанската комора.
Според Ристовски, во 2016 година увозот на месни преработки се изедначил со целокупниот увоз во 2015 година, а во соседството, производство на свинско месо се зголемило за повеќе од 50 отсто, односно од 2 на 3,2 милиона.
„Со тоа се усложнува и ситуацијата кај нас. Инаку, факт е дека пазарот е преплавен и од свежо свинско месо и од преработки. Домашните преработувачи плаќаат екстра давачки, а готовите увезени производи влегуваат во Македонија со нула отсто царина согласно ЦЕФТА договорите. И производителите на месни преработки и оние на свинско месо се ставени во незавидна позиција. По основ на прелевман за замрзнато свинско месо во државната каса се влеваат околу три милиони евра. Домашните преработувачи сметаат дека ако барем на одредено време оваа мерка се укине по основ на извоз, овие средства ќе се анулираат“, рече Ристовски.