NASA: Атмосферата на Марс во минатото содржела „многу кислород“

Роботизираната подвижна лабораторија Curiosity во карпите на планетата Марс открила траги на манган оксид, што укажува на тоа дека во далечното минато атмосферата на Црвената планета содржела многу повеќе кислород отколку денес, се наведува во написот објавен во научното списание Geophysical Research Letters.

Image
„На Земјата соединенијата на манган се формираат само во присуство на кислород во атмосферата или во микробите. Сега најдовме манган оксиди на Марс, и треба да се домислиме како тие можеле да се појават. За присуството на микроби на Марс, не зборуваме, но присуството на кислород во неговата атмосфера – тоа е потполно можно“, вели Нина Ланца од Националната лабораторија во американски Лос Аламос.

Ланца и неговите колеги од научната мисија Curiosity дошле до ова откритие со проучувањето на податоците на роверот на американска Агенција за вселенски истражувања NASA по ласерското „гаѓање“ на камења најдени на локацијата Винџани, чиј спектар содржел траги од соединенија на манган и кислород.

Откритието претставува големо изненадување за научниците, имено на Земјата првите големи слоеви на карпи со манган се формирале дури откако во светскиот океан се појавиле организмите кои вршат фотосинтеза, заситувајќи ја атмосферата со кислород и овозможувајќи да се формираат мангановите оксиди.

Се поставува прашањето од каде можел да биде земен на Марс кислородот, доколку се отфрла идејата дека на неговата површина имало живот. Како што претпоставува Ланца, големите резерви од кислород на површината на Марс се појавиле во периодот кога неговото јадро започнало да се лади и замрзнува, а магнетното поле слабеело.

Во таа ера сончевиот ветер и космичките зраци започнале да дејствуваат врз молекулите на водата во горните слоеви од атмосферата на Марс, разложувајќи ги на водород и кислород. Полесниот водород веднаш се губел во меѓупланетарните медиуми, а кислородот останувал во атмосферата на Марс. Со текот на времето значителен дел од водите на океаните на Црвената планета кој испарил во Вселената, се претворил во кислород, кој можел да биде доволен за да се формираат пластови од манган.

Откривањето на кислород на древниот Марс, како што објаснува Ланца, не мора да значи и дека на неговата површина имало живот, напротив, неговото присуство е повеќе доказ дека тој „елемент на животот“ може да се јавува во големите количества на другите планети по небиолошки пат. Тоа значително ќе ја отежни потрагата по живот надвор од Земјата, заклучуваат научниците.