Навики или пак нешто друго?!

47763_224703961014993_1537614183_n

Навика ?! Да , постои и тоа како. Прилично глуп израз зарем не? Честопати ги среќаваме зборовите како се е до навика или што да правам ми прерасна во навика. Не е лошо доколку навиката што сме ја стекнале тежнее кон нешто добро, но денешниве навики особено на младите се даааалеку од добри. Нивните се баш она спротивното, лоши и погрешни па постојано  велиме  оној или онаа ептен застранил од патот. Но и не е наше да осудуваме зарем не? Не ја знаеме причината поради која настанала навиката и одлуката која некој го присилила да ја избере баш таа варијанта на живот. Се зависи од начинот на кој ги толкуваме работите од наша гледна точка, така што секој има право на сопствен избор и на последиците кои ги трпи или ќе мора да ги трпи и снесува.

Ама за секоја навика има и одвика. Колку и да звучи смешно или глупо, едноставно или сложено, вистината е таа. Уште од самото раѓање сакале или не ние се свикнуваме кон некои неопходни работи. На пример се свикнуваме постојано да бидеме нахранети од мајчиното млеко, но подоцна и се одвикнуваме од него. Иако не буквално, но го заменуваме со готов производ од  продавница. Исто така се свикнуваме и да јадеме разновидна исхрана без разлика дали е здрава или нездрава за нас самите тоа е изборот кој што сме го одбрале. Примери има во изобилие долколку сакаме да набројуваме, ама сепак поентата е таа. Oд каде би тргнале кога би сакале да ги претвориме зборовите во дејствување и нивно остварување, бидејќи  која би била вредноста на зборовите ако не се преточени на дело. Од каде би тргнале кога би сакале да искорениме или пак уште подобро да всадиме нешто добро, нешто поразлично за самите себеси? Од каде би тргнале кога би сакале да ги фрлиме сите оние постојани одложувања и двоумења? Нешто кое ќе ни ги претвори секојдневните  во несокојдневни начини на живеење и исполнување на сегашноста.  Кога за последен пат сте се запрашале за вистинските вредности во животот? Кога за последен пат сте си дозволиле да заталкате длабоко во мислите барајки одговор и смисла во нештата? Или пак едноставно комплетно сте го избришале од вашата меморија она човечкото и сте одлучно препуштени во канџите на секојдневната рутинска досада и уживањето во едноставното очекувајки дека некоја трета сила ќе ви ја промени судбината или пак дека се ќе си го најде своето место во вашиот живот кога ќе му дојде вистинското време?

Е во тоа е и проблемот, најголемата заблуда во човековиот ум е дека без да ги преземе работите под своја контрола тие ќе се одвиваат како што треба. Кога за последен пат сте помислиле дека без вложен труд не се достигнуваат поставените цели и очекуваните резултати? Би рекле тешко е и би се откажале уште пред да започнете , а што е најгрубо не сте си ни дале шанса или не сакате да си дадете поради можноста исходот да биде премногу тежок за да го носите товарот од него. Но зошто да не се ризикува , зошто да не го послушате оној глас длабоко во вас кој пеколно ве моли да го ислушате и да му обратите внимание. Сепак тоа сте вие, тоа се вашите несвесно креирани мисли, вашата потсвест , она кон кое што се стреми вашето битие да го постигне. Но и покрај тоа вие пак го газите и газите и закопувате повторно и повторно се подлабоко. А зошто? Дали поради причината дека нема да успеете или пак поради она дека тоа е само ваша фантазија или сништа. Во моментот кога ќе сте свесни да ја следите вашата внатрешна интуиција е моментот кога се пронаоѓате самите себеси и моментот кога сте потполно свесни за она што сте предодредени да бидете. Зарем постојано не ни велат да ги следиме сништата, да бидеме креативни, да ја ослободиме нашата имагинација и да ја претвориме во реалност. Зарем понекогаш најлудите фантазии не се оние вистинските и оние кои ве прават уникатни? Колку ли само такви биле пресудни за одделни животни успеси. Па тоа е толку просто што би требало да се засрамите ако не знаете што посакувате. Знаете  верувајте , само што го потиснувате одговорот да излезе на површина бидејќи вашата несигурност и скршена самодоверба  владее врз вас. Владее и го контролира вашиот живот а вие сеуште се однесувате несвесни. Не дозволувајте тоа да ви се случи , разбудете ги келиите на вашиот мозок и препуштете му идеите што произлегуваат да протекуваат низ вашите пори и да ве претстави она што сте. Често се прашувате каде се тргнало наопаку и колку повеќе мислите се помалку знаете или пак само мислите дека не знаете?! Зашеметени од пајажината во нашиот ум и отрпнати од слепилото дека за секој успех , за секој пад решението е закопано длабоко во вас и да  дозволите ветрот на слободата да ве однесе на вистинското место каде што ќе го пуштите вашето сидро. Да дозволите подлабоко да навлезете и прокопате за она кон кое што сакате да ја предодреди вашата иднина и кога најмалку се надевате на површината ќе излезат приликите токму како што водата излегува од новопробиениот бунар. Откако тоа ќе се случи подоцна се си е на свое место па самите сте ја пронашле својата локација црпејки обилно од неа за се поголема сопствена надоградба. Се вели дека на крајот се завршува добро , но ако не е така значи не е ниту крај. Никогаш не се откажувајте без разлика дали надежта ве напуштила. Не си го приредувајте незадоволството да потклекнете , но не поради сликата што ја оставате во очите на другите туку поради онаа која што би сакале да ја видите самите да уживате во неа и да и се воодушевувате. Извадете го скапоценото од себе , дадете го максимумот , отфрлете ја можноста да го одберете каменот наместо дијамантот. Зарем безвредното и вообичаеното е подобро ? Вродете навика секогаш да го одберете правилниот избор и веќе ги имате одберено вистинските навики според кои ќе го водите вашиот живот!

 

Николинка Митрева

 

 

Останатите колумни на следниот линк.

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.