Не се извинувам, зашто не ми е гајле!

shoshko3111Нема да пишувам за актуелното петкратно убиство, за чудото во Свети Димитрија, за трагикомедиите кои секојдневно се случуваат во и надвор од Собранието. Не, денес имам желба и потреба да напишам еден крајно себичен текст кој се однесува на сите душегрижници и проповедници кои знаат како треба да живеам и што да правам. (Мајка ми и татко ми ќе ги изземам од оваа група зашто нив и да сакам не можам да ги сменам и да ги натерам да престанат со мудрување. На крајот, се` што имам ми е од нив – од изглед, образование, до материјани добра. Фала им!)

Досадно е веќе со децении некој да ти наложува како да живееш, какво школо треба да учиш, за кој да гласаш, кој весник да го читаш, чија страна да браниш, на кој протест да одиш… Доволно е!

Прво – нема да дозволам некој самопрогласен „љубител“ или „хејтер“ на земјава да ми кажува што е а што не е дел од историјата. Не зборувам за комшиите од страна кои знаат се`. Доволно беше валкањето на историјата на земјава поради партиски препукувања, поради „јачање“ на предизборни кампањи, поради имање алиби за сквернавење на ликот на градов… Ми се гади до кој степен стигнавме да се делиме на антички и модерни, поствоени и партизански, проевропски и затуцани. Јас (не) се извинувам, ама ако треба да бидам сељак кој се откажува од дел од својата историја или пак ја велича до небо за да биде општествено прифатен, одбивам! Историјата не се измисли пред два дена кога некој реши да ја испечати во нов учебник, ниту пак се увезе некаде од надвор. Ако сакам ќе прочитам историски книги или ќе одам во музеј и тоа ќе биде моја одлука. Не ми треба ничија реторика. Жал ми е и ми се гади колку е лесно да се поделат и изманипулираат овие два милиони.

Второ – ќе учам што сакам. Филозофски, филолошки, политички, правни, економски студии, драмска уметност… И така и така ќе ми биде тешко да најдам работа со било каква диплома. Ама ако! Не знам дали е подобро да се заглавиш во процес на учење на нешто што не го сакаш (за да задоволиш туѓи очекувања) а притоа да најдеш каква таква работа, или да учиш нешто што сакаш и да заглавиш во процес на барање на (каква таква) работа. Никогаш не можете да знаете каде ќе ве однесе среќата, а малку е мазохистички да правите нешто што не сакате. Ниту дипломата е гаранција за памет, ниту паметот е гаранција за диплома. И сами знаете дека ако сами не си ја земете работата во свои раце, никој нема да ви помогне. Ниту очекувам партиска книшка да ми најде работа, ниту пак имам намера да веам знамиња и да метам семки после митинзи, за после 4-5 години да добијам столче во некоја канцеларија. Денес сите се тепаат да работат државна работа, каде најтешкото што ќе го кренат ќе биде лист хартија и каде што нема да прават ништо конструктивно и креативно. Фала, не чекам во тој ред!

Трето – (Не) Се извинувам комшии! Се родив во државичкава (која благодарение на вас е волкава) и доволно знам за себе, нема потреба никој да ми кажува која сум. Мојата националност е сосема неважна за поентата на овој текст. Она што е важно е дека е ужасно напорно да се гњават овие луѓе со измислени реторики, со територијални претензии и негирање на малцинства. Овие луѓе овде сакаат да живеат нормално, да не се оптеретуваат со убиства, политичари, попови, муфтии, ископани улици, градилишта, малограѓанштина, да не се потресуваат на гранични премини и да не бидат осудувани ако решат за некој празник (државен или верски) да одат надвор а притоа да се карактеризираат како домашни предавнции. Сериозно, не сме до толку дегени и неуки. Доволно беше суфлирање и солење памет.

Четврто – Дали сериозно на некој му е гајле дали си син/а или портокалов/а? Или црвен/а? Или црн/а? Кој е поголем Македонец? Оној во опозицијата или оној во власта? Исти сте, несреќи едни! И едните и другите ќе го правевте или го правите истото – себично и со сите расположливи средства ќе се боревте да ја задржите власта во свои раце, зашто тука не се работи за државата или за граѓаните кои ви го заокрижиле името. Се работи за исти себични побуди, да не речам пари. И нема некој на кој тоа не му е јасно. Во не многу далечна иднина, процентот на излезеност на избори ќе биде толку мизерно мал, па се надевам ќе ви стане јасно дека само вашите од дома гласале за вас и дека не сте повеќе релевантни за обичните луѓе. Не ме интересирате, само сакам да ми е убаво. Себично, само сакам да живеам добро, без да ме плашат кретени кои дента станале на лева нога и решиле да дивеат во автобуси, или да го вандализираат градот. Не сакам поради „контраши“ да каскам во место и да се фрустрирам!

Петто – лично ќе се погрижам за својот живот, за се` во него! Не ми треба никој да ми кажува кога за што е време и дали е време. Ај чао сега!

 

К. Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.