Обама упорен во предупредувањето на Лондон за Brexit

Американскиот претседател Барак Обама е упорен во своите предупредувања за Велика Британија дека ќе мора да почека на трговските договори со САД доколку ја напушти Европската унија, објави во петокот по американско време Белата куќа, иако цели 24 часа претходно Британците се изјаснија за излегувањето.

obama_merkel_kameron

„Очигледно е дека претседателот останува на тоа што го кажа и во тоа нема промена во ставовите“, изјави портпаролот на Белата куќа, Ерик Шулц на редовниот брифинг со новинарите.

Американскиот претседател Барак Обама, кој сесрдно се залагаше за тоа Велика Британија да остане во Европската унија кога во април годинава го посети Лондон, тогаш предупреди дека земјата не смее да смета на тоа дека брзо ќе ги потпише договорите за трговија со САД, доколку се реши да излезе од ЕУ.

Како што пренесуваат во саботата агенциите, Обама за одлуката на Британците да гласаат за Brexit, односно за излегувањето од ЕУ, разговарал со британскиот премиер Дејвид Камерон и со германската канцеларка Ангеле Меркел. На Камерон му ветил дека Вашингтон ќе ги задржи „специјалните односи“ со Лондон и блиските врски со Брисел, како и дека британското членство во НАТО останува приорите на американската политика, пренесува Reuters.

„Иако односите на Обединетото Кралство со ЕУ ќе се променат, нема да се промени посебниот однос кој постои меѓу нашите две нации. Тоа ќе се одржи, ЕУ ќе остане еден од нашите неизбежни партнери“, рекол американскиот претседател на универзитетот Станфорд.

Обама ветил дека САД и Велика Британија „ќе се концентрираат на тоа да ги одржат економскиот раст и финансиската стабилност“.

Американскиот претседател и германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор изразиле жалење поради одлуката на британските гласачи, но истовремено истакнале и дека ја почитуваат волјата на британскиот народ, се наведува во писменото соопштение на Белата куќа.

Објавувањето на резултатите од референдумот во петокот ја потресе берзата на Волстрит, како и многу други финансиски пазар, со глобална загуба од 2 билиони американски долари само во овој ден.

Обама во своите коментари во петокот се обиде да ги минимизира последиците од британската одлука за излегување од ЕУ. Смета дека Brexit би можел да му наштети на американското економско закрепнување, како и на преговорите за Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство (TTIP) кои се водат меѓу САД и ЕУ, и во крајна линија да го сврти вниманието на американските сојузници од решавањето на прашањата од глобалната безбедност.