Парада на хомофобијата

shoshko3111Во Сплит се одржа парада на гордоста, под силно полициско обезбедување. Си прошетаа луѓето, вееја знамиња, покажаа дека не се бабароги и пак сонцето зајде и изгреа. Без фама, без драми и патетики решија и направија.

Нема да пишувам за тоа дека кај нас тешко дека би се одржала масовна геј парада. Имаше обид, мал број граѓани излегоа, прошетаа, не се случи ништо посебно.

Неодамна го гледав српскиот филм „Парада“. Не ме фасцинираше ниту ме разочара. Класично балканско перцепирање на хомосексуалци како феминизирани мажи или мажествени жени, доза на лош локален хумор, крајности помеѓу „тетките“ од една и мачо сељаците од друга страна кои за да ја докажат својата мажественост треба да измлатат сѐ што се движи, да локаат неограничени количини ракија и да имаат расна „певаљка“ во кревет. Филмот не е лош, наликува на Балкан-кан со нели, геј примеси. Она што е забележително е крајот. Сурово прикажана реалност на хомофобичните противници на парадата, во главно скинери (пак Балканска предрасуда и боење на негативците како жестоки неонацисти и хомофоби) кои го убиваат едниот хомосексуалец во момент на масовна тепачка помеѓу неколкуте припадници на парадата и стотиците скинери. Ми се згади од леснотијата со која го убија човекот само затоа што бил педер. И да филм е, ама и тоа како се случуваат такви работи. Да истепаш некој затоа што е геј е исто како да тепаш некој зашто јаде сладолед од јагода, а ти мислиш дека е гаден и не треба да се продава.

Глупост и залуден обид за „чистење од неморал и болни“ луѓе.

Не ви продавам западна филозофија за тоа како хомосексуалноста не е страшна или природна или пак дека геј браковите треба да се легализираат. Џабе ќе си трошам зборови. Не очекувам во Македонија тоа да се случи. Не наскоро.

Она што ме нервира се двојни стандарди – ако се гадиш од педери а се палиш на две жени, пријателе и тоа како немаш проблем со хомосексуалност, само тресеш зелени. Или си против или не си. А не треба да си. Што тебе ти е гајле кој со кого што прави?

Женско сум па не ми било јасно зошто машките не ги сакале педерите. Ако некој е сигурен во својата сексуалност зошто би му претставувал проблем тоа што двајца мажи одат во кревет и се сакаат?

Страв од што? Дека педерите ќе ги третираат на ист начин како што тие ги третираат жените? Смешки…

Прво, јас сум уште една хетеро девојка која нема проблем со нечија хомосексуалност ниту пак тоа е моја работа која треба да ми го попречува секојдневието.

Второ, која е таа логика која вели дека хомосексуалноста е болест, се наметнува од некој друг, дека од хомосексуални бракови сигурно и децата ќе излезат „такви“. Зашто нели сите хомосексуалци на светов до сега се одгледани во хомосексуални бракови…Абе бегај…

Трето, хомофобија. Страв од што бре луѓе? Од занамиња со виножито? Од стотина луѓе кои ќе прошетаат на улица со нив? Од бакнеж помеѓу двајца мажи (сигурно нема да ги видите интимни на улица)? Од можноста за легализација на геј бракови кај нас?

И дури и се ова да се случи…зарем треба да ве поремети како луѓе, да ве натера да се преиспитате што сакате или не дај Боже да ви ги „расипе“ децата.

Искрено не гледам зошто некој би се криел и срамел од она што е. Колку ли хетеро бракови има склопено кај нас за да се „излечи“ или „замаскира“ срамот? За да не се резилат пред фамилијата и комшиите? Па ако некој живее за комшиите или фамилијата нека се носи…

Не секогаш педерите се феминизирани „тетки“, не секогаш лезбејките се феминистки со мустаќи и не секогаш имаат претензии кон вас. И да имаат, зар не го сфаќате тоа како комплимент. На некој му се допаѓате. Тоа вас не ве прави геј (ако не сте).

Знам дека џабе зборам, хомофобија не се лечи и не е болест, како што ни хомосексуалноста не се лечи и не е болест. Она што мене ме плаши се хомо-балканикус со изразени мачо особини и потреба за докажување на количеството тестостерон.

За крај можам само да кажам дека легализацијата на геј бракови низ светот нема да смени ништо освен што луѓе кои со години се заедно и се сакаат конечно ќе можат да го кажат своето „да“ пред матичар. Толку. Сонцето повторно ќе изгрее, Фејсбук повторно ќе биде полн со досадни статуси, Грција повторно веројатно нема да не признае, и пак догодина ќе одиме на Евровизија.

П.С Се извинувам на употребата на зборот „педер“ низ колумнава, не беше искористен за да навреди било кого.

 

K.Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.