Приватно VS Државно

mitkoДилемата со која се соочуваат голем број на студенти кои се при крај со своите студии, е каде да побараат работа на пазарот на труд – во приватниот и/или во државниот сектор. Македонскиот пазар на труд е катастрофален. Минатата година интернет-порталот „24/7 Волстрит“ објави анализа, според која Македонија е водечката нација во светот по невработеност од 32 %. Притоа се користени бројки добиени од различни извори, како што се: ММФ, Светска банка, ЦИА – светски факти и многу други и за жал Македонија го освои овој неславен рекорд. Кога сме кај бројките не сме најсјајни ни во другите делови. Просекот на барање работа кај нас е минимум 4 години додека европскиот е 1 година. Ваквиот развој на настаните воопшто не е поволен. Долгото чекање влијае на човечкиот капитал и ги намалува стекнатите вештини кои се добиени во процесот на образованието. Исто така долгото чекање прави лицата да се чувствуваат бескорисни во општеството и доведува до сомневање во нивните способности.

Во една дебата на оваа тема прашав дали Македонија има пазар на труд и каде да се бара. Одговорот стигна во истиот момент – „побарај на нашиве портали за работа – тоа е нашиот пазар на труд“. Речено – сторено. Ги отворив порталите и што да видам, катастрофа невидена. Ако сте редовен посетител на страните за вработување ќе видите дека понудата за работни места ни е очајна. Се бара претежно кадар со средно образование, но има и од типот на wellness за здрава исхрана, кои морам да признаам се најупорни и најзастапени. Одењето во туѓина по работа, како и волонтирањето се само одложување на проблемите. Во последниве години забележано е дека младите претежно се одлучуваат за продолжување на студиите поради немањето на работа со надеж дека со доусовршување полесно ќе се снајдат на пазарот на трудот.

Последните истражувања на македонскиот пазар на труд се поразителни. Речиси 80% од младите сакаат да работат во државниот сектор. Причините се сосема јасни. Недоволно развиениот приватен сектор како и сигурноста и редовноста на платите е најголемиот мотив младите да се надеваат на било каква работа во државниот сектор. Агенцијата за администрација за минатата година излезе со податоци за тоа колку лица имаат аплицирано за работа во државната служба. Замислете, за работа во државната служба имаат аплицирано речиси 120 илјади луѓе од сите категории.  Државното, не само што обезбедува сигурност на финансиски план, туку ја обезбедува и целата заштита пропишана со македонските закони. Од друга страна приватниот сектор треба да биде двигател на македонската економија со силни и способни кадри кои ќе бидат во секој момент подготвени да одговорат на предизвиците. Можноста за напредок во платата и кариерата се поголеми за разлика од државниот сектор. Обуките како и личното доусовршување се неминовен дел на самите компании. Но, во последно време сведоци сме дека и приватниот сектор го зафаќа едно сивило. Се’ поголемо е вработувањето на „црно“ каде парите се даваат на рака и каде не ти се плаќа ниту денар за пензиско или здравствено. Манипулацијата во овој сектор е најмногу застапена. За разлика од државниот сектор, тука работодавците буквално ги искористуваат своите вработени. Им го скратуваат одморите и ги тераат да работат прекувремено, а платите не се редовни. За жал работниците се принудени да го прават ова зошто на овој начин нивната егзистенција е доведена во прашање.

Приватниот и државниот сектор си имаат свои маани и предности. На нас ни останува да видиме кој пат ќе го одбереме. Но сепак дилемата и прашањето: “што понатаму” ќе ни остане над нашите глави. Сите ни викаат дека треба да бидеме упорни и да се бориме за нашето место под сонцето. Да, тешко е, ѓаволски тешко е, ама затоа не треба да ја губиме надежта дека нешто може да се промени. Вработувањето и начините на вработување не сакам да ги коментирам. Секој си има некакво искуство по тоа прашање, но тоа не треба да не обесхрабрува да бидеме најдобри во она што го знаеме. Еднаш еден мој пријател ми кажа: Не е тешко да си Македонец, тешко е да живееш во Македонија. Не сакам да верувам во тоа. Ќе верувам во подобро утре.

Митко Сланинкоски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.