Од денес па во следните 10 дена во Кавадарци во Музеј галерија ќе биде отворена самостојна изложба на реномираниот македонски ликовен уметник, Горан Боев. Станува збор за еден од најталентираните и најплодни македонски автори последнава декада, со специфичен уметнички израз кој се надградува и менува со текот на неговото уметничко созревање.
Ќе бидат изложени делата создадени последниве години, работени во комбинирана техника, акрилик и масло на платно, во кои Боев ја надоградува својата сликарска интуиција во доменот на апстрактниот експресионизам.
Боев, во своите дела ги користи мистичноста, колоритот и апстрактното како начин за изразување, остававајќи простор рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, да ја поттикне неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, создавајќи голема привлечност и заемен флуид.
Горан Боев последниве години како зограф работеше на фрескоживописот во новиот параклис во манастирот Свети Јован Крстител (Бигорски манастир). Дипломец е на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 2005 година, кога ја добива и наградата “26 јули – Франк Манинг” за најдобар студент на ФЛУ. Магистрирал 2009 година на истиот факултет под менторство на проф. Симон Шемов.