Сјајот на старата скопска чаршија

mitkoКога пред неколку години се донесе стратегија за старата скопска чаршија да ви кажам искрено бев скептик. До пред 2009 година беше мртво скоро се. Немаше луѓе, немаше движење, а малку почнуваше да се стемнува дуќаните затвараа, кафичи скоро и да не постоеа. Војната во 2001 година си го направи своето. Се разви недоверба помеѓу народот. Се подели градот на лев и десен дел, со еден збор се гетоизиравме до максимални граници. Штета голема беше да се гледа тоа. Луѓето со страв поминуваа од тука, се беше на брзање, атмосферата беше катастрофална. Се сеќавам како во тоа време постарите генерации се присетуваа на моментите кога работеше Менада, 21, Панта, Ресторанот Шар. Се сомневав дека еден ден ќе можам да го доживеам тоа тоа што го поминале тие. Просто не ми се веруваше дека си земавме за луксуз со сила да го уништиме најубавиот дел од градот. Не ми се веруваше дека целата историја на Скопје што беше сместена во 4-5 километри квадратни дозволуваме систематски да ја снемува.

Се случи чудо. Не ми се веруваше што гледам. Се отвори винаријата Темов на само 15 метри од местото каде што живеам.  Да ви кажам тоа беше изненадување за мене. Човекот прв пат го запознав тогаш. Беше и тој самиот изненаден. Дошол од Канада од, решил да ризикува и отвори винарија која првата година па и втората направи растур. Се отвори подоцна и Дамар, и Ракија бар и Наргиле бар и Паша, а тука е чајчилницата каде што ако сакате можете да свртите по една тура карти, табла или домино. Подоле ако отидете ќе ги осетите најубавите мириси на светот. Старата Скопска чаршија нуди низа прекрасни јадења и напитоци. Сплетот на мириси, зачини и вкусови искрснуваат од секое можно сокаче на чаршијата. Едноставно мирисот на скарата и на специјалитетите не може да ве остави рамнодушни. Тука е единственото место во Скопје каде што можете да јадете четврт бурек за 20 денари, симит-погача и јогуртче за 10 што за разлика од другиот дел на Вардар се за 200 пати поефтини.

Почна да се раздвижува се. Се вратија луѓето, се врати живоста и пред се се вратија туристите. Оваа година како никоја до сега немам видено толку многу туристи. Ги интересира се. Интересни ми се јапонските туристи. На нивната љубопитност и нема крај. Фотографираат се живо и диво. А и имаат и што да видат. Тука се Чифте Амам и Даут Пашин Амам, Безистенот, Капан ан и Сули ан. Тука е и црквата Св. Спас во која што е закопан најголемиот македонски херој Гоце Делчев. За оние кои не знаат иконостасот во црквата го имаат правено истите зографи од манастирот Св. Јован Бигорски па затоа вреди да се погледне ова ремек дело од прочуените зографи. За малку ќе заборавев да споменам дека на иконостасот освен што се прикажани Стариот и Новиот завет исто така има мотиви и од Исламсската уметност. Интересно нели ??. Ако отидете погоре се наоѓа Мустафа Пашината Џамија која датира од 1492 година. Едноставно премногу историја на мал простор. На 28.06.2009 година се случи еден интересен настан. Во рамките на Скопското лето се случи манифестацијата: “Реоткривање на патеката на културата”. Подобар настан не сум видел да се случи во Скопје. Речиси 10 илјади луѓе во текот на една вечер прошетаа низ улиците на чаршијата. Толку народ во овој дел на Скопје не сум видел. Замислата беше феноменална. Со патокази од плоштад па низ целата чаршија луѓето повторно ги откриваа убавините што ги заборавиле. И не беше само тоа. Имаше културни настани, придружени со концерти, перформанси на уличните изведувачи, разни изложби, додека пак за посетителите имаше да го пробаат ќебап и по некоја пијачка од локалните кафичи. Едноставно беше преубаво. За тие што пропуштија можам да кажам дека навистина треба да им биде криво.

Не сакам повеќе да ви пишувам за чаршијата. За сите оние кои не биле ова да биде еден вовед, а за сите оние кои доаѓаат да продолжат да доаѓаат и верувам дека нема да згрешат во таа нивна одлука. Денес чаршијата пулсира-живее. Се прават напори да се ревитализира а верувам дека тој процес ке продолжи. Работното време е продолжено за 1 саат, додека за старите занаети државата дава субвенции.  Тука архитектурата е впечатлива. Микс на старото и модерното кои ќе останат како сведоштва за идните генерации. Бендови настапуваат во живо и не потсетуваат на некои дамнешни времиња. Река од насмеани, позитивни луѓе, тип-топ средени, луѓе со очекување и надежи, безгрижни, отворени за дружба, журки, но и за работа. Такви луѓе чекореа во 80-тите години, такви луѓе чекорат и сега. Тука на оваа калдрма се стекнувале многу пријателства, а се раѓале и многу романси. Речиси 80 % од бурмите во Скопје потекнуваат токму од улиците на чаршијата. Секој град има по некој белег, а Скопје го има најголемиот а тоа е чаршијата. Да не дозволиме единстевеното богатство што го има овој град да ни се лизне од раце.

П.С. Па бујрум на кебапи, пиво и добра музика во старата скопска чаршија.

Митко Сланинковски

 

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.