Тереза Меј – Британската премиерка прва гостинка на Трамп во Белата куќа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, в петок во Белата куќа ќе се сретне со британската премиерка Тереза Меј, соопшти портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Bela kukja (The White House)

Тој додаде дека Тереза Меј ќе биде првиот странски лидер кого Трамп ќе го прими, откако стапи на должноста претседател.

Меј денеска за „Би-би-си“ изјави дека со Трамп ќе разговараат за слободната трговија меѓу Велика Британија и САД и за значењето на НАТО. Таа изрази уверување дека американскиот претседател, иако неодамна изјави дека алијансата е „застарена и надмината работа“, ќе умее да ја препознае нејзината важност.

Премиерката на Велика Британија наведе дека администарцијата на Трамп е заинтересирана за заклучување на договорот за слободна трговија со Велика Британија, и покрај политиката „Америка на прво место“, за која Трамп рече дека ќе биде негов приоритет.

Меј одби директно да одговори на прашање дали со Трамп ќе разговара и за неговите претходни коментари на сметка на жените.

На 31 јануари, Трамп во Белата куќа ќе се сретне со претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, а според Спајсер, главни теми на состанокот ќе бидат трговската размена, миграцијата и безбедноста.

Извор: Мета.мк