Welcome to Macedonia. Good food, good people. Everything is like a paradise

shoshko3111Ако сте го гледале „Самоуништување“, сигурно ви текнува на репликава на синот на чичко Кумплунг. Еден перадајс што да ти кажувам. Мерак невиден. Ај храната добро – не ја закачам. Ама луѓево…Арни си се и тие, грев ќе биде да се жалам. Освен оние што не се. На една страна имаш интелектуални снобови, саркастични љубителни на црн хумор, уметнички филмови, книги…инфомирани, амбициозни и што е најважно писмени луѓе (односно ги знаат сите букви).

„Зналац“ е симпатичниот збор од соседството кој другарка ми го користи да ги опише. И се’ е добро, само што ваквиот тип тешко да просперира овде. Ќе бидете дел од сценариото од нечие стенд ап видео на Јутуб кај што ќе ве исмеваат бидејќи сте биле несфатени од системот и дека луцидноста ви била на повисоко ниво. Ако сте дел од овие (ќе) ве сметаат за забегани и „уфилмани“ и дека сте (се правеле) попаметни од другите. И сте!

На другата страна се оние кои без многу мака стигнале до нешто во животот – диплома, работа, столче во автобус…Слаткиот медиокритет, златната средина, ни ваму ни таму. Зашто така ги учеле дома да не одат во крајности зашто се лоши и ќе им се смеат надвор. Затоа учи нешто колку да имаш школо, не читај повеќе од што треба, голтај ефтини серии, и воздигнувај ги на пиедестал способностите на детективите од „Прељубници“.

Проблемот настанува кога вториве го пропагираат и наметнуваат својот „интелект“. Ги знаете овие луѓе – од факултет, од средно, живеат во околината. И не, не е завист ако ве фрустрира тоа што личност која не прочитала повеќе од „Шеќерна Приказна“ станува трендсетер, диктатор на вкус, релевантен фактор за главните информации. Па така кругот е маѓепсан – вести со дегутантно неважни информации (Нимиц го почешал левото уво – според толкувачи на говорот на телото сигурно му е досадно да дреме со Македонциве и Грциве додека тупат со децении), забавни емисии каде луѓе плаќаат да ги поканат на интервју зошто сакаат да се пофалат со што се занимаваат, дебилни квизови со слични такви водители/ки на чиј изглед и Пајнер би подзинал, дневни весници со стара содржина (имаме Интернет сите, па ако Витни умре на 11 февруари, веста се печати за 6 месечен помен). Да не го заборавиме Фејсбук каде сите се мудри и убави, сите се многу опасни, лудо се забавуваат, се мери паметот на статуси и се оценува со лајкови…

Да е трагедијата поголема и вашиот шеф (веројатно) ќе биде дел од вториов тип, полн со ефтин хумор, дебилни забелешки и досетки а вие би требало да се смеете на тоа. [На факс имав таков професор со хумор кој те тера да се расплачеш колку е бајат, а човекот гледа со надеж и очекува да се насмеете. КАКО?]

Не се гушете во медиокритетната канализација. Излезете, одете во музеј, барем тоа имаме. Одете во книжарница купете некоја книга. За промена изгледајте независен филм (евентуално Европски) наместо блокбастер со тон ефекти а без приказна. Сами одлучете кои информации ќе стигнат до вас, не гледајте ги Македонските телевизии ни под разно. Не се претопувајте во безличноста. Очајно ни се потребни поинакви луѓе – па и по цена да ви коментираат зад грб.

Се извинувам ако ве наведов да читате (а спаѓате во вториот тип) во време кога Хурем и Суљо биле во љубовен занес.

П.С Ако сте го гледале Самоуништување се надевам добро ве исплаши и згрози приказната.

Време е да бидете подобри и попаметни од вашите родители!

 

К. Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.