Десетици руски воздушни удари за поддршка на офанзивата на сириската опозиција

Руските борбени авиони во изминатите 24 часа изведоа 17 удари врз позициите на терористичката организација Исламска држава само за поддршка на офанзивата на сириската опозиција северно од Рака, центарот на ткн „калифат“ во истоимената покраина, при што се убиени повеќе од 150 џихадисти, изјави во вторникот началникот за операциите во Сирија, генерал-полковникот Сергеј Рудцкој и истакна дека од почетокот на руските операции уништени се повеќе од 1.200 цистерни со нафта кои ги користела оваа екстремна сунитска група.

Image

Руските воздушни удари биле нанесени како поддршка на напредувањето на единицата „Ганим“, којашто е дел од сунитската опозициска Слободна сириска армија (FSA), која Западот ја поддржува и ја смета за ткн умерена опозиција на сирискиот претседател алавитот Башар ал-Асад, кој, пак, е сојузник на Москва и по чие барање започна руската воздушна операција во Сирија против Исламската држава. Во истата област руските авиони дале воздушна поддршка и на бунтовничката група „Демократски сили“, прецизираше генералот Рудцкој.

„Според податоците, руската авијација уништила повеќе од 150 милитанти и 11 парчиња воена техника“, рече рускиот командант.

Рудцкој додаде дека уште 18 удари врз терористичките позиции во полза на групите „Лавови на пустината“ и „Каламун“ биле изведени во областите ал-Кататен и Палмира.

Претходно руските воени челници појаснија дека на сириското боиште против Исламската држава се борат повеќе од 150 вооружени формации, од политички групации до локални милиции. Во понеделникот началникот на рускиот Генералштаб, генералот Валериј Герасимов, соопшти дека повеќе од 5.000 борци на Слободната сириска армија напредуваат кон позициите на терористите во четири сириски покраини, при што руската авијација за нивна поддршка врши 30 до 40 борбени летови на ден.

Генерал-полковникот Рудцкој додаде во вторникот дека од почетокот на руската операција на 30-ти ноември, биле уништени повеќе од 1.200 цистерни кои превезувале сирова нафта и деривати. Според него, последните три дена руските авиони уништиле шест објекти на илегално нафтоносно поле, а исто така и седум колни возила кои превезувале нафта и нејзини преработки, кои Исламската држава ги користи за своите сили, како и за продажба на црниот пазар од што ги финансира своите терористички активности.

„Во текот на последните неколку седмици зголемен е интензитетот на ударите врз позициите на Исламската држава и другите терористички групи. Приоритетот на руската авијација и натаму е уништувањето на изворите на приходи за терористите во Сирија“, го цитираат руските медиуми генералот Рудцкој.