Почна спроведувањето на нуклеарниот договор со Иран, САД и ЕУ и укинаа санкциите

Меѓународната агенција на Обединетите нации за атомска енергија (IAEA) во саботата доцна вечерта даде одобрување за стапување на сила на историскиот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте свески сили, истакнувајќи дека Техеран ги исполнил своите обврски за укинување на меѓународните санкции.

Image

„Иран ги заврши подготвителните фази неопходни за покренување на договорот склучен на 14-ти јули 2015 година. Ова е важен ден за меѓународната заедница“, изјави генералниот секретар на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) Јукија Амано во соопштението објавено во австриската престолнина Виена, каде и беше потпишан договорот, и каде што на завршните разговори во саботата се собраа шефовите на дипломатиите на Иран, на Европската унија и на САД.

Амано, исто така, заклучи дека „денешното спроведување на нуклеарниот договор отвора нови перспективи за политичката и економската соработка со Западот“.

Санкциите вклучуваа ембарго на иранскиот извоз на нафтата, од што приходите се клучни за иранската индустрија, како и финансиски трансакции со иранските институции.

„Денеска е добар ден за народот на Иран“, изјави министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф за иранските новинари во Виена.

Европската унија донесе одлука за укинување економските и финансиски санкции против Иран по зеленото светло на IAEA за стапување на сила на нуклеарниот договор. Одлуката ја усвоија 28-те земји членки и за да стапи на сила мора да биде објавена во службениот весник на ЕУ.

Американскиот претседател Барак Обама во саботата го потпиша указот за симнување на санкциите кон Иран, соопшти Белата куќа. „Определив, дека имплементацијата од страна на Иран на Заедничкиот сеопфатен акциски план, претставува фундаментална промена во околностите, во врска со иранската нуклеарна програма“, истакнал Обама. „Во врска со обврските на САД кои се однесуваат на санкциите, ги отповикувам изборните уредби поврзани со санкциите“, додал американскиот претседател.

САД, исто така, истовремено со ЕУ објавија дека се укинуваат санкциите против Ирак, откако стапи на сила договорот од ланскиот јули. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и американскиот државен секретар Џон Кери во Виена ја објавија информацијата откако инспекторите на IAEA потврдија дека Иран го исполнил својот дел од договорот за намалување на нуклеарните активности и оти се затворени некои од спорните постројки за кои Западот се сомневаше дека се користат за создавање нуклеарно оружје што Техеран упорно го негираше.

„Денеска е остварен Денот за спроведувањето на Заедничкиот сеопфатен акциски план“, изјави Могерини, говорејќи за јулскиот договор. „Обврските на САД во врска со санкциите во согласност со одредбите (од договорот) отсега натаму се на слила“, изјави Кери.

Укинувањето на сите меѓународни санкции во Виена го потврди и Зариф. „Имајќи предвид дека Иран ги исполни своите обврски, денеска се укинати меѓународните санкции во врска со иранската нуклеарна програма“, се истакнува во заедничкото соопштение на Зариф и Могерини.

Спроведувањето на нуклеарниот договор кој го постигна Иран со петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција плус Германија, а на преговорите учествуваше и ЕУ како набљудувач, не значи само укинување на западните санкции против Техеран, туку и дека западните земји ќе соработуваат со Техеран во областа на цивилната нуклеарна технологија, рече Могерини.