САД: Повеќе од половина сојузни држави одбиваат да примат бегалци од Сирија

Гувернерите на најмалку 27 американски сојузни држава од 50-те, одбија да ги прифатат сириските бегалци поради терористичките напади во Париз, односно сомневањето дека меѓу извршителите на масакрот од петокот вечерта го извршиле самоубијци кои на европскиот континент дошле со реката бегалци од Сирија.

Image (9)

Како што објави во вторникот американската телевизиска мрежа CNN, откако во понеделникот гувернерите на американските сојузни држави Алабама и Мичиген објавија дека повеќе не сакаат да примаат бегалци од Сирија, а потоа уште девет држави во САД одбија да прифаќаат бегалци од безбедносни причини, следниот ден бројот на овие држави се зголемил на 27.

Станува збор за државите Арканзас, Аризона, Алабама, Ајова, Тексас, Мичиген, Мејн,  Масачусетс, Флорида, Илиноис, Северна Каролина, Луизијана, Индијана, Оклахома, Канзас, Џорџија, Њу Хемпшир и други, и во нив освен една, гувернери се републиканците.

Според агенцијата Associated Press, пак, вкупно 39 сојузни држави или се категорично против распоредувањето на нивните територии на бегалци од Сирија или се подготвени да дадат согласност, но со големи гаранции.

Одбивањето за прифаќањето на бегалците следеше по информациите за тоа дека најмалку еден од терористите во Париз, пристигнал со сириските бегалци во Грција на почетокот од октомври и ја минал ткн балканска рута.

За суспендирање на програмата за прифаќање на бегалците, во прв ред истапуваат и мнозинството од кандидатите на Републиканската партија за партиската номинација на претседателските избори во 2016 година, во прв ред бизнисменот Доналд Трамп, сенаторот на Тексас Тед Круз, сенаторот на Кентаки Ренд Пол. Водечкиот меѓу кандидатите на републиканците, пензионираниот неврохирург од Флорида, афроамериканецот Бен Карсон побара програмата да биде сопрена „веднаш“.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, нареди веќе на територијата на оваа сојузна држава да се суспендира федералната програма за прием на распоредување и населување на бегалците од Сирија. Тој е убеден дека федералните власти не „можат веродостојно а направат проверка“ на безбедносниот статус на бегалците и за поддршка на своите тврдења ги зема извештаите од Франција. Станува збор за тоа дека кај еден од извршителите на нападите во Париз беше откриен сириски пасош.

Според американските експерти, пак, администрациите на сојузните држави немаат законско право да решаваат кому ќе му дозволат влез и останување во САД. Според Уставот на САД, оваа одлука е резервирана за федералната влада. Сепак, според, коментаторите, неподготвеноста на сојузните држави да ги прифатат бегалците во голема мера ќе ја комплицира намерата на владата.

„Темелно разгледувајќи ги терористичките акти насочени против невини луѓе во Париз, јас сум против секој обид да се распоредат сириските бегалци во Алабама во рамките на програмата за прифаќање на бегалците во САД“, изјави гувернерот на Албама, Роберт Бентли, кого го цитира AP.

Гувернерот на Аризона, Даг Луси изјави дека при носењето на одлуката „ќе го користи правото на државата за побара итни консултации со федералните власти на САД. Неговиот колега од Ајова, Тери Бронстед изрази намера до следниот бран бегалци да се прецизираат сите поединости од безбедносната проверка на странците. Тој, сепак, признава, дека Законот за бегалците од 1980-те не им дозволува на гувернерите да се инволвираат во разместувањето на бегалците во нивните држави.

Бројот бегалци од разни земји, коишто може да дојдат на американска територијата се одредува на годишно ниво врз основа на закони коишто ги носи Конгресот на САД. Во текот на трите последни години, вкупната квота останува неизменета на ниво од 70.000. За следната година администрацијата на претседателот Барак Обама планира да ја зголеми до 75.000 луѓе

Во понеделникот портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека САД не планираат да ги променат своите планови за прифаќање на сириските бегалци од војната којашто речиси пет години ја пустоши нивната татковина.

„Сé уште имаме намера да се придржуваме до планот на претседателот за прифаќање на најмалку 10.000 сириски бегалци во САД во 2016 година. Сметаме дека тоа ќе можеме да го сториме, осигурувајќи ја безбедноста“, изјави Тонер, истакнувајќи дека бегалците коишто доаѓаат во земјата минуваат низ исклучително темелна проверка, во којашто се вклучени неколку агенции.

Во септември портпаролот на Белата куќа, Џошуа Ернест, изјави дека САД планираат следната година да примат најмалку 10.000 сириски бегалци. Од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година, САД на својата територија дозволија влез на 2.150 бегалци од оваа блискоисточна земја. Во тековната фискална година САД имаат намера да издадат дозволи за престој на уште 300 сириски бегалци.

макфакс