Лидерот на СДСМ Зоран Заев во четвртокот од Кочани прв пат навести дека неговата партија ќе излезе на изборите на 5 јуни.

Очекуваме дека нема да излезат некои непознати, нерешливи проблеми за Државната изборна комисија за навремено да го прочисти избирачкиот список, а истовремено очекуваме дека во многу скоро време ќе има и регулација на медиумите. СДСМ е подготвен за победа, на 5-ти јуни промените во Македонија конечно да се случат, рече Заев.
Тој истакна дека податоците кои ги поседува СДСМ укажуваат дека ДИК, која е независен орган ќе стигне на време да го прочисти Избирачкиот список, а тоа е 15-ти април, кога се затвора Избирачкиот список и се става на јавен увид.
Македонското собрание во вторникот на полноќ донесе одлука да не се одржат избори на 24 април, како што беше предвидено со договорот од Пржино.
Тогаш од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека изборите ќе се одржат на 5 јуни, додека од СДСМ рекоа дека не е одреден датум и дека првин треба да се прочисти избирачкиот список и да се постигне договор за медиумите.