Американското министерство за одбрана ги негираше во понеделникот тврдењата на сириските функционери според коишто САД градат две воздухопловни бази на северот од Сирија во рамките на офанзивата против екстремната сунитска група Исламската држава.

„Не градиме и не користиме воздухопловни бази во Сирија“, изјави портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис.
Воени и функционери на сириските разузнавачки служби неколкупати последните седмици тврдеа дека САД градат воздухопловна база во Рмејлане во покраината Хасака и една база во близина на курдскиот град Кобане на неполн километар од границата со Турција.
САД минатата есен објавија дека распоредуваат контингент од 50 специјалци на североистокот од Сирија за поддршка на воздушните удари врз џихадистите и за обука на сунитските опозициски борци кои тие ги сметаат за умерени, откако претходно пропадна проектот за обука на бунтовниците и нивно враќање на боиштето во Сирија.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон во јануари наведе дека пистата во воздухопловната база Рмејлане е проширена и дека е речиси подготвена за доаѓањето на американските борбени авиони.
САД во таа област дава воздушна поддршка за Сириските демократски сили, сојуз на локални вооружени групи со кои доминираат курдските милиции, против Исламската држава.