Судија на претходна постапка го одбил барањето на Специјалното јавно обвинителство да издаде наредба за претрес во домот на лицето Г.Г., затоа што според законот за ова обвинителство, најпрво треба да биде утврдено дали тоа е стварно надлежно во тој случај, појаснуваат до Основниот суд Скопје 1.

Сепак, како што појаснија од судот, непосредно по поднесувањето на наредбата за претрес, а по изјавената несогласност на судијата за претходна постапка СЈО до судијата на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор за истото лице.
„Со оглед дека лицето за кое се однесува предлогот не беше обезбедено пред овој суд, судијата на претходна постапка согласно одредбите на ЗКП каде во Глава XVI се предвидени мерки за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка за наведеното лице, издаде покана да се јави веднаш во текот на денешниот ден во просториите на судот пред судијата на претходна постапка. Во врска со предлогот на обвинителството, судијата на претходна постапка по сослушување на лицето дополнително ќе донесе одлука за која јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштија од Основниот суд Скопје 1..
„Во врска со прашањата од повеќе медиуми за наредбата за претрес против лицето Г.Г., во текот на вчерашниот ден (вторник) од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) до овој суд беше доставено барање за издавање на наредба за претрес во дом на осомничениот Г.Г. Судија на претходна постапка постапи по ваквиот предлог при што не се согласи со истиот“, велат од судот.
„Согласно чл.17 ст. 1 од ЗКП произлегува дека предуслов на судија за претходна постапка да постапи по барање на ова обвинителство е најпрво со сигурност да утврди дека ова Јавно Обвинителство е стварно надлежно во соодветниот случај кој би произлегол од конкретна содржина на незаконито следење на комуникации.
Од барањето за издавање на наредба за претрес во која се наведува дека наредбата се бара заради пронаоѓање траги на кривични дела и предмети, најпрво неопходно е да се утврди овластувањето на СЈО дека конкретните предмети кои треба да произлезат од претресот се поврзани со содржината на незаконското следење на комуникации“, соопштуваат од судот.
Појаснуваат и дека „не се определени и не е даден прецизен опис на предметите чие што одземање се бара туку се користи општа терминологија на предмети кои можат да се пронајдат во сечиј дом, имајќи предвид дека согласно чл.189 ст.1 алинеа 5 од ЗКП наредбата за претрес треба да содржи опис на предмети што треба да се пронајдат при претресувањето“.
СЈО пак, за 11 часот закажа прес-конференција, тематска, на која се очекува да бидат појаснети дејсвтијата преземени во вторник.
Неофицијално, според медиумите, лицето од УБК по кое се трага е началникот на петтата управа Горан Груевски, кој во моментов не е достапен за СЈО, а полицијата го бара за да овозможи негово сослушување.