Владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад побара во понеделникот вечерта од Турција да престане со нарушувањето на суверенитетот на Сирија и да ги уважува меѓународните закони, и порача дека го задржува правото да одговори „со сите расположливи средства“ на сличните турски напади, откако во понеделникот во артилериски оган од турска територија беше гаѓана североисточната сириска покраина Латакија, при што повеќе цивили се ранети.

„Сириската влада смета дека таквите дејствија претставуваат директна повреда на меѓународното право и злосторство против сириските цивили. Бара да се престане со нарушувањето на суверенитетот на Сирија и да се почитуваат меѓународните закони“, се вели во соопштението што го цитира сириската државна агенција SANA.
Од меѓународната заедница бара да изврши притисок врз турската влада за да се сопрат ваквите злосторства и да ја принуди Анкара да се придржува до резолуциите на Обединетите нации, се додава во изјавата. Се истакнува, исто така, дека Сирија е подготвена да одговори на секој можен начин на сличните акции од страна на Турција.
Сириските медиуми претходно објавија дека гранатирањето било извршено од турска територија врз локација на која се групирале сириските сили во областа Џабал Атира во северниот дел од Латакија, како и претходното во неделата кога загинал еден сириски војник, како и дека биле повредени уште пет војници и цивили.
Според Дамаск, ова претставува очајнички чекор на Анкара да се сопре напредувањето на сириската војска којашто речиси целосно ја исчисти покраината Латакија од милитантите кои ги поддржува Турција. Турската влада во петгодишната сириска војна ги поддржува етничките сириски Туркемени, кои се борат против владата на Асад.
Изминатите месеци, сириската армија поддржана од локалните милиции и од воздушните удари на руската авијација успеа да ја поврати контролата над стратешките области ви покраината Латакија, вклучително и клучните коти по должината на границата со Турција.
Официјална Анкара не реагираше на овие обвинувања. Русија, пак, која викендов беше обвинета повторно од Турција дека наводно го повредила турскиот воздушен простор, а во сирискиот конфликт е сојузник на претседателот Башар ал-Асад, соопшти дека постојат разузнавачки видео материјали кои докажуваат дека артилерискиот оган врз сириската територија бил отворен од турската страна на границата.