САД ѝ го открија на Русија пошироките области во Сирија каде што дејствуваат американските специјалци и побараа таму руските воздухопловни сили да не изведуваат напади, објавија во четвртокот американските воени функционери.

Овој чекор претставува подобрување на американско-руската воена координација во Сирија, за којашто Вашингтон претходно говореше дека се сведува само на механизмот за избегнување на инцидентите во воздухот, бидејќи и двете земји во оваа земја изведуваат воздушни удари.
Генерал-полковникот Чарлс Браун, командант на воздухопловството во американската Централна команда која ги покрива Блискиот исток, северна Африка и централна Азија, ја извести јавноста за ова барање на прес-конференција во Пентагон.
„Им рековме (на Русите), генерално ова се подрачјата во коишто се коалициските сили и не сакаме да ги напаѓаат, бидејќи тоа ќе предизвика напнатост. Станува збор за тоа да ја сочуваме сигурноста на нашите сили, не само на оние во воздухот, туку, во овој случај, и на оние на земјата“, додаде Браун.
Портпаролот на Пентагон, Питер Кук, пак, истакна дека на Русите не им се откриени точните локации, ниту распоредот на дејствување на специјалните сили, како и дека барањето е испратено преку министерствата за одбрана на двете земји.
„Им го покажавме на Русите поширокото подрачје и побаравме во него да не се изведуваат напади, поради опасноста по американските војници. Досега го почитуваа нашето барање“, изјави Кук одбивајќи да прецизира во кој момент барањето било упатено.
САД ланскиот октомври објавија дека во северна Сирија ќе распоредат неколку десетици припадници на специјалните сили коишто ќе имаат улога на советници на вооружената опозицијата во борбата против џихадистите од екстремната сунитска група Исламска држава. Висок американски воен функционер тогаш изјави дека Русите не се известени за локациите каде што се наоѓаат специјалците, но дека САД се подготвени тоа да го сторат во иднина, за да ја гарантираат безбедноста на своите војници.