САД и Европската унија (ЕУ) сметаат дека во моментов не постојат услови за одржување на предвремени парламентарни избори на 24-ти април, изјави во неделата американскиот амбасадор Џес Бејли, соопштувајќи ја долгоочекуваната проценка на меѓународната заедница во однос на тоа дали останува датумот утврден со Пржинскиот договор.

Бејли додаде дека сега одлуката околу одржувањето на изборите останува на Собранието на Република Македонија, а како следен можен датум за одржување на изборите, дел од лидерите на политичките партии го посочиле 5-ти јуни.
Американскиот амбасадор додаде дека САД и ЕУ ги охрабруваат сите партии и институции да создадат неопходни услови за одржување на избори, потенцирајќи дека политичките лидерии имаат и должност да ја вратат земјата на евроатланскиот пат и да ги исполнат итните реформски приоритети.
Во извештајот на меѓународната заедница е нотирано дека „резултатите од работата на Државната изборна комисија во однос на прочистувањето на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за кредибили избори на 24-ти април, потоа дека се уште не е постигнат договор за реформи во медиумите и дека постои загриженост поради притисоци и закани врз гласачите и други лица“.
Проценката која што минатиот месец беше најавена од страна на Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав се однесува на три клучни области од Пржинскиот договор, а тоа се прочистувањето на избирачкиот список, медиумските реформи и одвојувањето на партиите од државата.