Нафтените компании ги кратат инвестициите и во 2016

Најголемите светски производители на нафта и гас, при најниско ниво на цената на сировата нафта за 11 години, најавуваат натамошно смалување на инвестиции, продажба на имоти и укинување на работни места, но се очекува да ги задржат дивидендите кои ги бараат инвеститорите.

nafta

Актуелната цена на нафтата е околу 37 долари за барел, што е значително под 60 долари, колку што им е потребно на компаниите како што се Total, Statoil и BP за да ги врамнотежат своите биланси, на ниво кое веќе е остро намалено во последните 18 месеци, откако цените на нафтата паѓаат.

Меѓународните нафтени компании и во 2016 година ќе бидат присилени да ја намалат потрошувачката, да продаваат имоти, да кратат работни места и да ги одложат проектите со оглед дека цената на нафтата не покажува знаци на закрепнување.

Американските производители Chevron и ConocoPhillips објавија дека планираат да ги намалат буџетите за една четвртина во 2016 година. Royal Dutch Shell исто така најави пад на потрошувачката за дополнителни 5 милијарди долари, доколку продолжи планираното преземање на BG Group.

Се очекува дека глобалните нафтени и гасни инвестиции ќе паднат во 2016 година, на најниско ниво за шест години, на 522 милијарди долари, по падот од 22 отсто на 595 милијарди долари во 2015 година, покажуваат прогнозите на консултантската компанија од Осло, Rystad Energy.

„Ова е прв пат од кризата на пазарот на нафта во 1986 година инвестициите да паднат две години по ред“, наведуваат од компанијата.

Но, со релативно низок сооднос на долг и должнички капитал во секторот од околу 20 отсто и помалку, извори од индустријата тврдат дека компаниите уште повеќе ќе се задолжуваат за да го покријат дефицитот во приходите и да ги заштитат дивидендите.

На пример, Shell ја нема намалено дивидендата од 1945 година, а оваа традиција актуелното раководство не сака да ја прекине. Остатокот на секторот исто така не зазира од намалување на исплатите на дивидендите на акционерите.

Извор: Макфакс