Авионскиот крш пронајден на Тајланд нема врска со исчезнатиот MH370

Малезиските власти објавија во вторник дека металниот труп пронајден минатата недела на јужниот брег на Тајланд не припаѓа на авионот на Малезија Ерлајнс(лет MH370), кој таинствено исчезна пред речиси две години.

Image
Откритието на трупот во саботата во покраината Накхон Си Тамарата, на југот на Тајланд, земја што граничи со Малезија, повторно ги покрена шпекулациите околу мистеријата за исчезнувањето на Боингот 777 непосредно по полетувањето од Куала Лумпур за Пекинг.

Група експерти од Малезија и Малезијан Ерлајнс го прегледа металниот труп на Тајланд и заклучи дека тоа метално парче не припаѓа на авионот по кој сè уште се трага, објави малезиското Министерство за сообраќај.

Авионот на Малезија Ерлајнс исчезна набргу по полетувањето на 8 март 2014 година заедно со 239 лица. Во јули минатата година кај францускиот остров Ла Реунион во Индискиот океан беше пронајдено парче што му припаѓало на исчезнатиот Боинг 777 потврдија малезиските и француските власти. Сепак, мистеријата за исчезнувањето на авионот остана нерасветлена.