Гори Бушава планина во Крушево

Веќе седум дена гори Бушава планина во Крушево, на местото викано Мусица, откако на 19 декември во 19 часот, било јавено дека е забележан оган.

 Image

Во почетокот била запалена сува трева, папрат и ниски смреки, но пожарот се проширил на букова шума. Вработените во шумското стопанство „Липа“ од Крушево, единици на противпоражната и локалната самоуправа во Крушево како и граѓани, се излезени на терен и се справуваат со пожарот, но поради големиот фронт на опожарување не се во состојба брзо да се справат со истиот.

По добиеното барање од градоначалникот на Крушево, во четвртокот, Дирекцијата за заштита и спасување изврши мобилизација на тимови за брз одговор од општините Битола и Прилеп како и вработени во истите подрачни одделенија.

Поради краткиот ден и специфичноста на простор кој е зафатен (големо подрачје со поголем број на жаришта на пожарот) мобилизираните тимови ќе настапат во утринските часови во петок.

Вработените во Дирекцијата за заштита и спасување на терен ја следат состојбата и во случај да е потребно ќе бидат ангажирани дополнителни сили како и авионите за гасење на пожари на Дирекцијата за заштита и спасување.