Грција го смени изборниот закон: Ќе гласаат и малолетници со 17 години

Атина, 22 јули, 2016 – 10:23 (META) 
cipras

Грција ќе има поголемо гласачко тело, зајакнато со малолетни гласачи на 17 години, а победникот на изборите ќе влезе во парламент без досегашниот бонус од 50 пратеници. Ова се измените што ги направи грчкото собрание со новиот изборен закон, но тие ќе важат по следните парламентарни избори.

Законот го поддржаа СИРИЗА, Независни Грци и партијата Унија на центристи, а против гласаа Нова демократија, ПАСОК и Река. Комунистичката партија и Златна зора беа воздржани од гласањето. Вкупно 179 пратеници гласаа „за“ и 83 „против“ новиот закон, кој предлага укинување на бонусот од 50 пратеници за победничката партија на изборите.

Со новиот закон, освен што се укинува бонусот од 50 пратеници, им се дава глас на малолетниците од 17 години и останува границата за една партија да може да влезе во собранието само со освоени повеќе од три отсто од вкупните гласови.

При дискусијата за новиот закон дојде до жестока кавга меѓу владата и опозициските партии. Особено жестока беше кавгата меѓу премиерот Алексис Ципрас и лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата. Грчкиот премиер ја обвини Генимата дека наместо да направи клучна разлика во државата, одбира да биде поддршка на десничарска партија. Лидерката на ПАСОК, пак, одговори дека Ципрас нема простор да го обвинува ПАСОК за коалиција со десницата од момент кога тој двапати по ред соработува со ултрадесничарската Независни Грци.

Следниот период се очекува Ципрас да предложи нови уставни промени со кои претседателот ќе се избира на избори, а не со мнозинство гласови во парламентот.