Десет компании добија награди за најбрзорастечки

Скопје, 10 октомври, 2016 – 14:56 (META) 
rast

Десет мали и микрокомпании денеска ја добија националната награда за најбрзорастечки фирми „Газели“.  Од пријавените 33 компании, само 10 ги исполниле критериумите и тие добија грант од 615.000 денари за опрема и за материјали.

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп рече дека Холандија на многу начини ја поддржува Македонија, особено кога станува збор за приватниот сектор. Таа соработка резултирала со повеќе заеднички обуки, програми и настани, како и со избор на десетте најдобри брзорастечки фирми „Газели“.

– Овие 10 „Газели“ се најбрзите газели во Македонија. Малите и средни претпријатија се тие што ја движат економијата напред и треба да бидат поддржани, тие играат централна и главна улога. 98 проценти од компаниите во Македонија се мали и средни претпријатија и тие придонесуваат за развој на силно претприемништво, подобрување на производството и за обезбедување на работни места – изјави Пломп.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков, истакна дека од исклучителна важносет е малите компании да се научат да вложуваат во развој на бизнисот, за да обезбедат сопствен пораст и да влијаат и на порастот на економијата во државата.

„Пајдаков“, „Велекоб транс“, „Темов“, „Мултитекс“ – Битола, „Бисера Комерц“, „Стара фурна“, Кожа-Мак“, „Лајонис“, „Иборнет“ и „Унипласт“ се десетте најбрзорастечки компании во Македонија што ги добија наградите.