МРТ за избори да има двајца директори?

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, на преговорите со претставниците на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино и олеснувачот Питер Ванхауте доставила предлог мерки за медимите, па така предлагаат на 100 дена пред избори Македонската радио телевизија да добие двајца директори.

Image

Имено, предлагаат едниот директор да го предложи власта, а другиот опозицијата, а за вториот канал на албански јазик, би важело истото, со тоа што еден уредник би бил предложен од ДУИ, а друг од ДПА, во конкретниот случај.

Потоа, владејачката партија предлага да се намалат казните за медиумите, а Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми да остане со седум члена како досега, од кои двајца ќе предложи Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), двајца од Македонската асоцијација на новинари (МАН), а по еден член ќе предложат Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Адвокатската комора и од Универзитетите.

ВМРО-ДПМНЕ излегле со предлог медиумски простор партиите да добијат според резултатите од претходните избори, но тоа да важи за само за дневникот, а не за целокупната информативна програма.

Бараат и интернет порталите да прераснат во Трговски друштва, а доколку не го сторат тоа, нема да се сметаат медиуми.

За СДСМ, ова е неприфатливо, бидејќи во тој случај на новинарите кои работат во порталите би им била ускратена можноста за акредитирање во јавни институции, а со тоа и на следењето на актуелни настани.

За финансирањето на МРТ, бараат да остане комбинирано, дел од буџетот, дел од радиодифузната такса. ВМРО-ДПМНЕ бараат и закон за владино рекламирање, од државниот буџет наместо 0,14 отсто за Македонската радио телевизија да се одвојуваат 0,17 отсто, а организацијата да биде според комбиниран словенечко-белгиско-германски модел.

Според СДСМ, вчера воопшто не се разговарало за избирачкиот список и за начинот на неговото прочистување и дека не се блиску до заеднички договор, бидејќи предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се целосно различни од оние на опозицијата и на олеснувачите на преговорите.

Од друга страна, пак, членовите на Државната изборна комисија на денешната седница го усвоија Оперативниот план за преземање активности во функција на вршење вкрстени проверки со базите на податоци добиени од 10 државни институции.

На преговорите ВМРО-ДПМНЕ не сакале невладините организации да учествуваат во ниту една точка од преговорите, за разлика од олеснувачите и СДСМ, чии предлози се невладините организации да го одберат советот на МРТ и советот да биде менаџер на МРТ, а директорот да биде само потписник.

ВМРО-ДПМНЕ треба во вторник да ги достави предлозите за медиуми до олеснувачот на преговорите, Питер Ванхауте, а во 17.30 да продолжат преговорите каде ќе се дебатира за сите доставени предлози.