НБА: „Виси“ рекордот на ГС, Данкан стигна до 1.000 победи во кариерата

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс направија чекор назад во потера по рекордот на Чикаго Булс (72 победи и 10 порази), откако загубија од Минесота 117:124.

Image

Минесота, еден од најмладите тимови во лигата со неколку исклучително талентирани играчи, го шокираше актуелниот првак и ја запиша 26-та победа во 78-от меч сезонава. Тимбервулфс победија во „Оракл арената“ во Оукланд по продолжението со 124:117, откако мечот во регуларниот дел заврши 106:106.

Успехот на Минесота е уште поголем бидејќи во еден момент Голден Стејт имаше предност од 17 поени, а во последниот напад Кари и Томпсон не реализираа тројки за победа.

Шабаз Мухамад постигна рекордни во кариерата 35 поени, Ендрју Вигинс го следеше со 32 поени, а Карл-Ентони Таунс оствари двоен ефект од 20 поени и 12 асистенции.

Клеј Томпсон го предводеше Голден Стејт со 28 поени, Стеф Кари постигна 21 кош, но со лош процент на реалзиција (7/25).

Шампионите сега имаат скор 69 победи и девет порази, а до крајот на регуларниот дел ќе одиграат уште четири натпревари, од кои два се против Сан Антонио.

Расел Вестбрук го обележа мечот меѓу Оклахома и Денвер (124:102). Бекот на Оклахома го забележа 17-от „трипл дабл“ во сезоната, тој имаше учинок од 13 поени, 14 скокови и 12 асистенции.

Сан Антонио минимално славеше над Јута (88:86). Каваи Ленард погоди на 4,9 секунди до крајот на мечот со што на Тим Данкан му овозможи да ја забележи 1.000-та победа во кариерата.

Резултати: ЛА Клиперс-ЛА Лејкерс 103:81, Голден Стејт-Минесота 117:124, Сакраменто-Портланд 107:115, Јута-Сан Антонио 86:88, Денвер-Оклахома 102:124, Торонто-Шарлот 96:90, Мајами-Детроит 107:89, Милвоки-Кливленд 80:109, Атланта-Феникс 103:90, Мемфис-Чикаго 108:92, Филаделфија 107:93.