Продолжува сослушувањето на осомничените од „Титаник“ во Судот

Во понеделник во Основниот суд Скопје 1 треба да продолжи сослушувањето на лица осомничените во првиот случај на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“ за изборни нерегуларности.
Image

Како што најавија од Судот, во понеделник пред судија на претходна постапка од Одделот на кривично полнолетни, во договор на судијата и обвинителот, треба да се појави Исмет Гуру, член на општинската изборна комисија на Чаир.

„Со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на Општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од Комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците“, рече во петокот обвинителката Фатиме Фетаи.

Засега нема информации од Судот дали на сослушување ќе се појават и дали се во земјава поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски кои не дојдоа во Судот бидејќи биле на патување.

Во петокот во судот се појавија градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и поранешниот Министер за внатрешни работи, Миле Јанакиески. За нив и за уште две лица Судот го одби предлогот за притвор, а за четворица дополнително ќе се утврдува, откако ќе дојдат на сослушување во судот. Темелко треба да се јавува во судот во Ресен еднаш неделно, како алтернативна мерка.

СЈО побара притвор за осум лица кои ги сомничи дека ги местеле изборите во 2012 година.

Побаран е притвор и Гуру и за него дополнително ќе биде донесена одлука. Специјалното јавно обвинителство поднесе жалби на решенијата на Судот за одбивање на притворот.

Жалбите се примени утрово и се очекува од Судот да соопштат до кога имаат рок за постапување по жалбите.