Путин и Обама разговараа за Украина, Сирија, Блискиот исток и хидрогенската бомба

По сопствена иницијатива американскиот претседател Барак Обама телефонски разговарал ноќта кон четвртокот со рускиот колега Владимир Путин за изнаоѓање дипломатско решение во Сирија и за ситуациите на истокот од Украина и на Блискиот исток, како и за тензиите на Корејскиот полуостров, ден откако исто така на американска иницијатива телефонски разговараа шефовите на дипломатиите на двете земји, Џон Кери и Сергеј Лавров.

Image

Двајцата челници разговараа за „напорите кои во моментов се вложуваат за да се поттикне политичката транзиција во Сирија“, изјавил портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест“. „САД и Русија се заинтересирани да се оствари придвижување во врска со тоа прашање“, го цитира портпаролот агенцијата AFP.

Советот за безбедност на ОН кон средината на декември едногласно ја донесе резолуцијата во која се поставуваат насоките за прекин на петгодишната граѓанска војна во Сирија. Во текстот покрај преговорите меѓу владата во Дамаск, која ја поддржува Русија, и сунитската „умерена“ опозиција која ја поддржуваат САД, се предвидува формирање преодна влада во рок од шест месеци и одржување избори во рок од 18 месеци, а како успех на Москва се смета тоа што не се споменува ништо за неизоставното заминување на претседателот Башар ал-Асад, на што претходни инсистираше Вашингтон.

Била „искажана заемна поддршка за напорите на ОН за организацијата кон крајот на јануари во Женева на преговорите меѓу претставниците на сириската влада и репрезентативната делегација на опозициските сили со цел да се постигне политичко решени во Сирија во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН“, се наведува во соопштението на Кремљ кој разговорот го оценува како „искрен и работен“.

Путин „повторно ја нагласи потребата да се воспостави широка коалиција за борба против Исламската држава и другите екстремистички организации“, истакнувајќи ја „актуелноста од брзото составување на листата на терористичките структури и отфрлањето на двојните стандарди во квалификацијата на одредени групи“.

Претседателите „разговараа за некои аспекти од билатералните односи во различни формати, вклучително и во воената сфера, за да се консолидираат напорите во борбата против заканата од тероризмот на Блискиот исток“. Двајцата најмоќни луѓе на планетата, исто така, повикале на „деескалација на тензиите коишто произлегуваат од кризата на односите меѓу Саудиска Арабија и Иран“.

Обама во телефонскиот разговор на Путин „уште еднаш му ја истакна потребата Русија да ги почитува обврските кои ги презема во Минск и да престане да ги подржува сепаратистите кои ја дестабилизираат Украина“, рекол Ернест.

Путин, пак, од своја страна ја истакнал, меѓу другото, потребата од „целосно и доследно придржување на Киев до своите обврски произлезени од договорите во Минск, вклучително и воспоставувањето на директен дијалог со Донбас, усогласување со тамошните власти на подготовката за договорените уставни измени, спроведувањето на локалните избори, како и законите за специјалниот статус (на одметнатите региони Донецк и Лиганск – з.р.), како и законот за амнестија“, објави Кремљ, пренесува агенцијата ТАСС.

Американскиот претседател, покрај другото, во одговорот истакнал дека за решавањето на украинската криза сите страни треба да се придржуваат до договорот од Минск. „Претседателот Обама ја истакна важноста да се продолжи да се работи на дипломатско решение за кризата во Украина преку целосна имплементација на Минскиот договор од сите вклучени страни“, според Белата куќа и особено истакнал дека „клучен чекор нанапред“ за страните вклучени во конфликтот ќе претставува договорот за одржувањето на локалните избори во Донбас, кои мора да ги задоволат стандардите на ОБСЕ.

Двајцата претседатели, се наведува уште во соопштението на Кремљ, ја истакнале „важноста од претстојните контакти на претставниците на двете земји во врска со украинската тема“.

Прозападните власти во Киев и рускојазичните бунтовници на истокот од Украина се договорија за уште едно примирје кое настапи во средата. Последното примирје кое е насила од крајот на декември овозможи значително стивнување на судирите во Донбас, но тие спорадично уште се одвиваат, а од почетокот на годината во нив загинаа најмалку пет луѓе.

Во врска со објавата на севернокорејските власти дека тестирале хидрогенска бомба, Обама и Путин, истакнале дека „доколку тоа биде потврдено, ќе претставува грубо прекршување на постојните резолуции на Советот за безбедност на ОН и тоа не треба да остане без остар меѓународен одговор“, се наведува во соопштението на двете страни, при што од Кремљ се истакнува дека Путин „ја потврди доследната позиција на Русија во полза на дипломатското решение на корејското прашање“.

„Со цел да се избегне натамошно вложување на ситуацијата“, рускиот челник изразил надеж дека „сите заинтересирани страни ќе искажат максимална воздржаност и нема да преземаат акции коишто може да поттикнат воена ескалација во Североисточна Азија“./крај