САД: Полицијата истражува можно поттикнување на насилство од Трамп

Полицијата на американската сојузна држава Северна Каролина се обидува да утврди дали Доналд Трамп, водечкиот меѓу кандидатите за номинацијата на Републиканската партија за претседателските избори во ноември, поттикнувал на насилство на предизборен собир на кој бел активист удрил црн демонстрант.

Image

„Продолжуваме да ги истражуваме сите околности, па и секоја нова тужба против МекГрејв, вклучително и однесувањето на Трамп и неговата кампања за поттикнување безредие, како и дејствувањето, односно недејствувањето на нашите службеници“, соопштија од канцеларијата на шерифот на округот Камберленд.

Џон МејГрејв, 78-годишен, полицијата го уапси минатиот четврток и го обвини за насилство и реметење на јавниот ред, бидејќи со тупаница во глава го удрил 26-годишниот Реким Џонс, црнец кого од предизборниот митинг во Фејтвели поради протести го оддалечило обезбедувањето. МекГрејв, кој подоцна изјави дека „следниот пат можеби ќе мора да го убие“ Џонс, на 6-ти април треба да се појави на суд.

Критичарите Трамп го обвинуваат дека наводно своите приврзаници ги поттикнува на насилство и дека на неговите собири и во кампањата воопшто создава атмосфера на сé поголема нетрпеливост.

Изминатата седмица карактеристика за предизборните собири на Трамп беа безредијата и конфликтите. Така, поради судир меѓу неговите приврзаници и противници беше откажан предизборниот собир во Чикаго, потоа во Дејтон, во Охајо, телохранителите спречија напад од маж кој се качи на бината, а во понеделникот неговите противници го прекинаа собирот во Северна Каролина, но не е пријавен никаков инцидент.

Трамп, во првиот инцидент во Чикаго, воопшти не се појави во салата, а во другите два трпеливо чекаше обезбедувањето да се пресмета со предизвикувачите на инцидентите и не ја потпалуваше атмосферата.