Сити чекор до четвртфиналето, без победник во Ајндховен

Фудбалерите на Манчестер Сити се на чекор до пласманот во четвртфиналето во Лигата на шампионите, додека ПСВ и Атлетико во реваншот ќе влезат со почетниот резултат 0:0.

Image

Манчестер Сити со победата во Киев од 3:1 го направи само формалност осминафиналниот реванш. Иако Динамо подобро влезе во мечот, Сити од првата акција успеа да го отвори резултатот, Агуеро беше стрелец во 15.минута.

Помеѓу првиот и вториот гол Сити не реализираше две добри шанси за гол, Шовковски не го совладаа Агуеро и Јаја Туре. Во 40.минута, совршена акција изведоа Агуеро и Стрелниг, кој нафрли на втората статива каде Дави Силва мирно реализираше.

Динамо агресивно го започна вториот дел и таа инцијатива им донесе гол во 59.минута, кога Бијалкиј со мала помош на Отаменди го совлада Харт.

До крајот на мечот Јаја Туре промаши чист гол од пет метри, но својата грешка тој ја исправи во 90.минута кога постигна брилијантен гол.

Мечот во Ајндховен не донесе премногу возбудувања, ПСВ во првиот дел ја контролираше играта, но Атлетико промаши две чисит шанси. Вијето во четвртата минута, излезе сам пред Зут, успеа да го префрли, но Брума од гол линијата ја исфрли топката во поле.

Во 30.минута, Коке го исфрли Гризман пред Зут, но овој пат голманот на ПСВ спречи гол. Две минути подоцна ПСВ преку Препер ја имаше единствената вистинска шанса, но ударот на играчот на ПСВ од 7-8 метри го одбрани Облак.

Во второто полувреме Атлетико беше тимот кој ја имаше топката, од 68.минута имаше и играч повеќе, откако Гатон Переиро го доби вториот жолт картон, но ‘јорганџиите’ до крајот не создадоа конкретна шанса за гол.

Реванш натпреварите во Манчестер и Мадрид на програмата ќе бидат на 15.март.