Стотици двојки учествуваат на масовните венчавки на Филипини

Стотици филипински двојки учествуваат на масовните венчавки во петокот, два дена пред празникот на вљубените Свети Валентин, кој се празнува во католичкиот свет, за да ги озаконат своите врски.

Image

Најмалку 350 вљубени двојки, меѓу кои има и повозрасни, ѝ се приклучија на свеченоста којашто ја водеше градоначалникот на филипинската престолнина Манила, Жозеф Естрада, во земјата во којашто доминираат католичките христијани.

„Сакаме да ја легализираме својата врска“, изјавила 66-годишната Марија Тереза Руиз која со 68-годишниот партнер Фернандо Марсело живее повеќе од пет децении. Руиз додава дека никогаш не размислувале за формализирање на нивната врска, бидејќи биле презафатени со подигањето на нивните осум деца.

Масовните венчавки се одржуваат секоја година пред Свети Валентин. Венчавките вообичаено ги спонзорираат локалните политичари и Католичката црква, за да се легализираат врските на двојките кои се премногу сиромашни или презафатени за да ја извршат венчавката.