Стоунси го одложија концертот на Куба поради Обама

Легендарните The Rolling Stones, кои својот прв концерт  во Хавана требаше да го одржат во неделата, одлучија историскиот настап да го одложат за во петок, 25-ти март, за да не му ги „украдат светлата на сцената“ на американскиот претседател Барак Обама кој во неделата допатува исто така во историска посета на Куба.

Image

Американскиот претседател Барак Обама во неделата вечерта допатува во Хавана како прв американски претседател кој по 88 години ги посетува овој комунистички остров во Карибите, откако двете земји пред помалку од година ипол започнаа да затоплуваат меѓусебните односи по повеќе од половина век.

Латиноамериканската турнеја The Rolling Stones се совпадна со посетата на Обама, па организаторите одлучија да го одложат настапот, изјави продуцентот Дејл Опи Скјерсет. „Помисливме дека Обама доаѓа на нашето шоу, па дури и дека ќе ни биде предгрупа“, се пошегува продуцентот.

Легендарниот британски рокенрол бенд е првата голема група која ќе свири на Куба. Елвис Присли и The Beatles некогаш беа забранети на островот, бидејќи комунистичката власт ги сметаше за „идеолошко застранување“, потсетува Скјерсет.

Бесплатниот концерт во Сиудад Депортиво (Спортски град) во Хавана, ќе се одржи во рамките на нивната турнеја под наслов „America Latina Ole tour“, којашто опфаќа настапи на стадионите во латиноамериканските престолнини Сантјаго, Буенос Аирес, Монтевидео, Рио де Жанеиро, Сао Паоло, Порто Алегре, Лима, Богота и Сиудад де Мехико.

Освен доживувањето од историската средба, „Камењата“ на кубанските музичари ќе им донесат и многу донации, музички инструменти и опрема, како прилози на познатите производители меѓу кои фондацијата на „Gibson“, „Vic Firth“, „Pearl“, „Latin Percussion“, културната фондација GRAMMY, наведено е на официјалната страница на The Rolling Stones