Човек ги придвижил прстите на вештачката рака со помош на мисли

Маж успеал да ги придвижи прстите на вештачка рака со помош на мисли, со минимална претходна обука, пишува Live Science.

Image

Направата сѐ уште е во почетна фаза на разработка, но има потенцијал да им помогне на луѓето кои ги загубиле рацете, делумно да ги вратат подвижните функции.

„Сметаме дека за првпат човек, кој користи контролирана со мисли протеза, успева веднаш да ги придвижи прстите без продолжување на обуката“, вели д-р Натан Краун, од Универзитетското медицинско училиште „Џонс Хопкинс“ во САД, инаку еден од авторите на проектот.

Учесникот во експериментот не е инвалид, туку пациент донесен во болница за терапија на епилепсија, кај кој се испитувал мозокот за да се утврди местото од каде доаѓаат епилептичките напади. Лекарите му инсталирале електроди во мозокот и успеале да открија области во мозокот поврзани со движењето на секој прст. Неврохирург поставил во тој дел на мозокот, кој го контролира движењето на раката, мрежа од 128 сензори, распоредени врз квадратен филм со размер на визит картичка. Секој сензор покривал мала точка од мозокот со дијаметар од 1 милиметар.

По инсталирањето, научниците го замолиле пациентот да движи различни прсти. Екипата утврдила кои делови на мозокот „светнуваат“ при движењето на различни прсти, како и кои мозочни области се поврзани со чувството за допир. Научниците му дале на мажот и ракавица, која вибрира на врвот на прстите и ги идентификувале мозочните региони, кои се активираат при вибрацијата.

Со собраните информации, екипата ја програмирала протезата, така што при електрична активност во мозокот на мажот се придвижува соодветниот прст на вештачката рака. На тој начин сензорите се претворија во машина за читање мисли.