Јанева пред Советот на обвинители ќе каже зошто отстранила две обвинителки

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во понеделник, во 11 часот, пред комисијата во Советот на јавни обвинители, ќе образложи зошто од нејзиниот тим се отстранети обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска.

 Image

„Специјалната обвинителка Катица Јанева ќе се јави на поканата од Советот на јавни обвинители и пред комисијата ќе ја образложи својата постапка, која целосно е во согласност со законот. Не е спорно дека Советот има законско право да поставува прашања за работата на Специјалното обвинителство“, изјавија од специјалното обвинителство.

Во Советот на јавни обвинители, нема да биде тема кривичната пријава од приватно лице против тројца обвинители од специјалното обвинителство, за  малтретирање во вршење на службата. Лицето кое ја поднело тужбата, а чиј идентитет не се открива, тврдело дека обвинителите му се заканувале и се обидувале да изнудат изјава од него.

Од Специјалното обвинителство  ги отфрлаат наводите во кривичната пријава и тврдат дека обвинителите постапуваат во согласност со своите процесни овластувања.
„Сите обвинувања за притисоци и закани врз одредени лица во текот на постапката на истражување се неосновани. Тој што тврди поинаку треба и да докаже“, велат од таму.