Самит во Брисел: ЕУ бара од Турција да прими голем број мигранти од Грција

Лидерите на Европската унија во понеделник на самит со Турција во Брисел ќе извршат притисок врз официјална Анкара да се согласи на депортација на голем број економски мигранти од Грција, откако претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека ги гледа првите показатели за разрешување на бегалската криза.

Image

Со оглед на тоа дека со доаѓањето на пролетта се очекува нов прилив на бегалци, лидерите на 28-те членки на Унијата се надеваат во новите ветувања коишто на самитот би можел да ги даде турскиот премиер, Ахмет Давитолглу.

Европската комисија на денешниот самит ќе го претстави предлогот за централизација на барањата за азил во рамките на радикалните реформи на својата бегалска политика.

Азилантите сега ќе мораат да го предадат барањето за азил во првата земја членка на Унијата во којашто ќе стигнат, иако тоа правило во пракса не секогаш се спроведуваше откако германската канцеларка Ангела Меркел минатата година одлучи да не го применува.

Официјален Брисел исто така ќе ја притисне Анкара да преземе мерки за драстично намалување на големиот прилив на мигранти во Европа, со оглед на тоа дека Турција е земја од која од почетокот на 2015 година во ЕУ, стигнале повеќе од еден милион бегалци и мигранти.

Лидерите на ЕУ на состанокот во Брисел ќе настојуваат да ја запечатат балканската мигрантска рута, да ја зголемат помошта за Грција и ќе се обидат да го убедат турскиот премиер да го забави приливот на бегалци и да прифати илјадници мигранти кои не ги исполнуваат условите за добивање на азил, јавува агенција АП, повикувајќи се на нацрт стратегијата во којашто имала увид.

Во нацртот се наведува дека лидерите на ЕУ ќе навестат дека на нерегулираниот прилив на мигранти долж западно-балканската рута му се ближи крајот, таа рута е сега затворена.

„ЕУ ќе биде со Грција во овие тешки моменти и ќе направиме сѐ да помогнеме во решавањето на ситуацијата“, се наведува во соопштението и се додава дека тоа е колективна одговорност на ЕУ којашто бара брза и ефикасна мобилизација.

Комесарот на ЕУ за миграција, Димитрис Аврамопулос во неделата изјави дека очекува во Грција, која сега има на товар 30.000 мигранти, до крајот на март да стигнат уште 100.000 луѓе.
Туск, кој е домаќин на самитот, изјави дека во своето писмо напишал дека успехот на состанокот ќе зависи од тоа дали Турција ќе го прифати барањето да прими голем број економски мигранти од Грција.

„Тоа би ја уништило работата на криумчарите со луѓе“, изјави Туск во текот на состанокот со Давутоглу во Анкара во четвртокот.

По утрешниот ручек со Давутоглу, планирано е лидерите на ЕУ да се состанат сами.

Официјален Брисел соопшти дека Турција оствари напредок во примената на договорот од ноември, којшто предвидува помош за Анкара од три милијарди евра во замена за намалување на приливот на бегалци, но предупреди дека од Турција во Грција сѐ уште стигнуваат премногу мигранти.

И австрискиот весник „Стандард“ објави дека во Брисел се планираат драматични промени со цел решение на мигрантската криза, меѓу кои и затворање на балканската рута за мигранти.

Врз основа на документот во којшто имал увид весникот, се предвидува дека Атина мора да направи место за 50.000 потенцијални баратели на азил, како и дека Грција ќе добие помош од ЕУ.