Научна конференција „Зелен развој, инфаструктура и технологија”

Од 31.03. до 01.04 2016 година Скопје ќе биде домаќин на научната конференција „Зелен развој, инфаструктура и технологија”, посветена на животната средина. Конфренцијата ќе се одржи во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот Факултет.

PFZ_3564

На отворањето свое присуство и обраќање имаа: Коце Трајановски, градоначалник на Скопје, Соња Лепиткова, Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Џанер Занбак, Балканската асоцијација за животна средина и Даме Димитровски, Машински факултет Скопје.

Конференцијата, на која ќе бидат презентирани 230 трудови од 543 научници од 13 држави, ја организираат: здружението „6-та ѕвезда”, Машинскиот факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии,  Технолошко -металуршкиот Факултет и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, „Пакомак” од Скопје и најголемата балканска научна асоцијација „Балканската асоцијација за животна средина” (БЕНА) како и Центарот за истражување и развој ФУЕЛ од Скопје.

Теми на кои ќе се дискутира на научната конференција се: загадување на воздух, вода и почва, обновлива енергија, менаџментот со урбаниот и индустрискиот отпад; климатски промени; здравствени аспекти на загадувањето на животната средина; агро екологија и менаџирање со еколошки ризици.  На конфренцијата ќе учествуваат голем број научници од областа на животна средина од Европа и од САД.

На настанот се обрати градоначалникот на град Скопје г. Коце Трајановски, кој изјави: „Сакам да го изразам моето задоволство како градоначалник, што главниот град на Република Македонија, Град Скопје е домаќин на оваа важна конференција  и да потврдам дека ова е најголемиот научно – стручен собир од областа на заштитата на животната средина, што се одржал во градот Скопје. Следејќи ги тековите на животот на градот и новонастанатите состојби на глобално и локално ниво, Градот активно работи на намалување и адаптирање на климатските промени и на донесување на Стратегија за климатски промени за Град Скопје и реализација на нејзиниот Акционен план, како и на зголемување на урбаната отпорност на природни и технолошки катастрофи”.

„Оваа конференција е најголемата научна конференција посветена на животната средина во Република Македонија и пошироко. На актуелните темите од областа на екологијата и животната средина  како пленарни и поканети предавачи на конференцијата свое обраќање ќе имаат 10 врвни научници, секој од нив, во различно поле на истражување во животната средина”, изјави Проф. Д-р Даме Димитровски, Претседател на организацискиот одбор.

Како дел од учесниците и организаторите на конференцијата беше и Друштвото за управување со амбалажен отпад Пакомак, па по тој повод извршниот директор Филип Ивановски изјави: „Ни претставува огромна чест што бевме поканети да бидеме дел од оваа конференција која се занимава со теми кои директно го засегаат Пакомак. Имавме можност да се запознаеме и да размениме мислења и искуства со многу наши колеги и врвни стручњаци на актуелни теми кои имаат за цел да допринесат да ги однесеме работите чекор понапред кога е во прашање животната средина и подигнувањето на еколошката свест”.

Повеќе информации за конференцијата на линк.

Повеќе информации за BENA на линк.