Неколку совети за правилно чистење на лицето

Правилното чистење на лицето е важен фактор за одржување на убавината и младоста на вашето лице. Се препорачува тоа да ви биде навика два пати во денот – наутро и навечер. Навечер за да ги отстраните нечистотиите и шминката кои што му тежеле на лицето во текот на денот, а наутро за да ја исчистите површината на кожата од токсините кои се трупаат по неа во текот на ноќта и да ја подготвите кожата за хидратантен крем.

Woman cleaning face by cotton pad

КАКО ДА ИЗБЕРЕМЕ ПРАВИЛНА КОЗМЕТИКА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЛИЦЕТО?

Секој продукт кој ќе го изберете за нега на лицето треба да одговара на вашиот тип на кожа. Не треба да користите продукти кои ја сушат или иритираат кожата. Правилната козметика треба да ја освежува кожата и да ја прави мека и нежна.

Изберете продукт кој лесно ќе го чисти лицето, без непотребно да ја триете кожата. Ако употребувате силна шминка, чистете го лицето со две млека или лосиони, така што едниот ќе го користите за очите, а другиот за останатиот дел од лицето.

Секогаш, без исклучок, проверувајте го датумот на производство. Во никаков случај не употребувајте козметика со поминат рок на употреба. Внимателно читајте ги етикетите на продуктите, каде што е посочен составот. Не го употребувајте продуктот, ако содржи состојка на која сте алергични.

После неколку дена употреба на даден продукт, ако кожата не реагира како што треба – сменете го. Најверојатно тој продукт не е за вас и затоа не ја иритирајте кожата на лицето без потреба.

КАКО ПРАВИЛНО ДА ГО ЧИСТИМЕ ЛИЦЕТО?

Во почетокот задолжително се отстранува шминката. За таа цел користете памучни тампони без да ја триете кожата. Внимавајте млекото или лосионот кои ги користите да не навлегуваат во внатрешноста на окото.
Откако ќе се уверите дека нема остатоци од шминка по вашите очни капаци и трепки, започнете со чистење на кожата на останатиот дел од лицето.

Без да притискате започнете од брадата, потоа продолжете кон образите и челото. Поминете по лицето неколку пати со различни тампони, сè додека тампонот не остане чист.

За крај, исплакнете го лицето со вода, за да ги отстраните остатоците од млекото или лосионот и нанесете крем според вашиот тип на кожа.